Новиот концепт за основно образование е приспособен на македонското општество и, наместо преку бледи факти, содржините ќе бидат презентирани преку реален контекст. Учениците во училиште ќе поминуваат од 5 до 6 часа, а наставата ќе биде приспособена на потребите и можностите. Ниту еден наставник нема да загуби работно место, а високите образовни институции ќе продолжат да создаваат наставни кадри.
Ова се дел од најавите за новиот концепт за основното образование, кој денеска го презентираше Министерството за образование и наука (МОН). Станува збор за нацрт-концепција, која од денеска се става на увид на јавноста и преку дебата ќе биде донесена конечната верзија. Идејата е да почне да се применува од наредната учебна година, 2021/2022, за учениците од прво и шесто одделение.
Како би изгледала таа нова концепција денеска на прес-конференција со раководството на МОН ја презентираше универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка.
8 односно 9 задолжителни предмети
Предвидено е да има 8 задолжителни предмети за учениците што следат настава на македонски јасни, односно 9 за оние што следат настава на друг јазик, бидејќи од четврто одделение нагоре е предвиден и македонски јазик како задолжителен предмет.
Задолжителните предмети се поделени во две групи. Во првата спаѓаат 5 предмети: мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски, босански), математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик. Оваа група задолжителни предмети ќе ја има во сите одделенија, од прво до деветто, некогаш со помал некогаш со поголем фонд на часови, зависно од возраста на учениците.
Во предметот природни науки ќе бидат опфатени содржините од биологија, хемија, физика и физичка географија. Во општествени науки, пак, ќе бидат содржините од предметите: историја, општествена географија, граѓанско образование, религија, етика. Називот на овој предмет „општествени науки“ е работна верзија и се очекува по консултациите со јавноста да се коригира називот.

Втората група од 3 задолжителни предмети се: уметничко образование (музичко и ликовно), физичко образование и предмет чиј работен назив е техничко-технолошко-информатичко образование (ќе опфаќа содржини за техниката и информациката технологија, зависно од возраста на учениците).

Две листи на избори предмети
Покрај задолжителните предмети, училиштата ќе мора да понудат и две листи на изборни предмети.
Едната ќе биде втор странски јазик за децата, кои ќе може да избираат меѓу: германски италијански, француски и руски, како и албански јазик.
„Албански јазик се нуди како можност за оние што не учат на албански, да го изберат наместо друг втор странски јазик. Ако некој живее во средина каде што албанскиот јазик е многу застапен, некаде дури и доминантен, ученикот ако има потреба ќе може да го совлада албанскиот наместо да учи некој странски јазик“,
рече Бешка.
Новина во однос на вториот странски јазик ќе биде и тоа што наместо досегашната пракса училиштето да го избира јазикот, учениците ќе можат со родителите да решат кој втор јазик ќе го изучуваат.
Втората листа се слободни изборни предмети, кои ќе треба да ги понуди училиштето, е составена од четири категории предмети:
- Изборни предмети за проширување на наставните содржини застапени во задолжителните наставни предмети, на пример математичко-логично резонирање, историја на културите, програмирање, сликање, сексуално образование итн;
- Изборни предмети кои ги поддржуваат пошироките интереси на учениците, а не се дел од наставните предмети, како што се фотографија, драма, танцување, готвење, градинарство, вајарство, резбарство итн;
- Изборни предмети за поддршка на личниот и социјалниот развој на учениците, на пример образование за животни вештини, мултикултурни вештини итн;
- Изборни предмети од спортско-рекреативен карактер, освен класичните ракомет, фудбал, кошарка, тука може да бидат и предмети како планинарење, јога, велосипедизам, пилатес итн.
Листата на слободни изборни предмети училиштата ќе ја формираат зависно од возраста на учениците и тие ќе се нудат од прво до деветто одделение.
Секое училиште ќе мора да понуди по најмалку три изборни предмети од секоја од четирите категории. Исклучок ќе бидат само оние каде што има мал број на ученици. Од понудата, учениците ќе треба да изберат по два слободни предмети – еден за прво, еден за второ полугодие.

Како ќе изгледа еден час по природни науки?
Според новиот концепт за образование, во предметот природни науки ќе се интегрираат досегашните предмети биологија, хемија и физика, па се поставува прашањето, како ќе изгледа еден час? Дали ќе предаваат тројца наставници во еден час, дали ќе испрашуваат тројца наставници во еден ист час?
Универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка, која е вклучена во концептот како експерт, посочи дека во објаснувањето на ова прашање треба да се посочи разликата меѓу тема и лекции – односно темата ќе содржи повеќе дисциплини и во неа ќе бидат интегрирани гледиштата од сите овие три предмети.
„Наставникот по секој од овие предмети ќе си држи посебен час на кој ќе се обработува аспектот на истата тема. Темата може да се обработува и цело полугодие. Еден час ќе го води води наставник по биологија, друг час наставник по хемија, трет час по физика“,
образложи Бешка.

Истата дилема се наметнува и во однос на оценувањето, бидејќи за овие три предмети интегрирани во еден ќе има само една оценка.
Бешка објасни дека за ова ќе биде потребна континуирана соработка меѓу наставниците кои ќе седнат и ќе се договорат исто како и за часовите така и за оценките. Можно е да има посебна оценка за секој дел, па да се интегрира во една или одеднаш една оценка, но сѐ зависи кој модус ќе се договори. Оценувањето ќе биде врз основа на стандарди за оценување кои ќе укажуваат како секоја од овие содржини ќе влегува во оценката, објасни Бешка.
Од 5 до 6 часа во училиште
Новиот концепт на образовниот модел предвидува дека сѐ додека голем дел од учениците одат во училиштата со двосменска настава, треба да поминуваат од 5 до 6 часа на ден.
Предвидено е по 5 часа да поминуваат децата од прво до четврто одделение, а по 6 часа оние од шесто до деветто одделение.
Од тоа време, помалите ученици ќе треба да поминат од 3 до 3,5 часа во настава, а поголемите од 4 до 4,5 часа.
Преостанатото време од периодот што ќе го поминуваат во училиштата ќе бидат бидат одморите меѓу часовите, а другиот дел ќе треба да го организираат наставниците во вид на одделенски час, дополнителни активности поврзани со наставата или воннаставни активности.

Нов концепт – нови учебници
Новиот концепт на образование ќе се спроведува по нови наставни програми и со нови наставни материјали. Оние што се по старата програма, ќе си продолжат со досегашните учебници и по таа програма, додека оние што ќе се запознаат со новиот концепт ќе имаат нови материјали.
Министерката Царовска рече дека сѐ уште е рано да се зборува за тоа како ќе изгледаат, бидејќи денеска се промовира концептот и се отвора јавна дебата, по што ќе следуваат експертски мислења за наставните програми, а врз основа на нив ќе се создадат и наставните материјали.
За целиот овој проект ќе се користи буџетот на МОН во кој има и дополнителни финансиски средства за наставните програми и за материјалите.