Од собраниската говорница тој упати апел до Савески да отвори истрага и да ја истурка докрај, за кого и да постои основано сомнение дека сторил криминал, вклучително и за членовите на актуелната влада
Очекувањата се големи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница одговарајќи на пратеничко прашање од неговата сопартијка Силвана Ангелевска наменето за работата на новиот државен јавен обвинител Ненад Савески, откако Собранието на 18 март го именуваше на оваа функција.
Според премиерот, очекувањата се големи во смисла дека имаат чувство, а донекаде и информации оти голем дел од предметите или претставките кои дел од институциите ги имаат доставено до канцеларијата на државниот јавен обвинител стојат во фиока или се дното на приоритетите.

„Честопати на седница на Влада ја анализираме работата на институциите врз основа на извештаи што ни ги доставува Државниот завод за ревизија. И досега јас лично можеби стотина пати имам прашано, добро, ако ова го констатирале од ДЗР за сите овие недостатоци, дали ова негде е процесирано. Одговорот, без исклучок, е да, процесирано е до канцеларијата на јавниот обвинител“,
рече тој.
Во таа насока, Мицкоски рече оти очекува сите овие предмети да бидат извадени и да се стават во обработка, да се види дали таму има основано сомнение за сторен криминал од тие институции, односно од луѓето што ги воделе.
„И верувајте ми, неколку стотици се такви. Јавноста со право честопати е критички настроена кон Владата и велат дека и ние сме исти со тие претходно, односно дека сите знаеле оти тие биле криминални, а ние ништо и не сме направиле. Јас не можам да го користам тој збор и да кажам дека знаевме дека се криминалци, но имаше основано сомнение дека имало сторен криминал во многу институции. И за волја на вистината, врз основа на извештаите од ДЗР може да заклучиме дека во тие институции има основано сомнение дека е сторен криминал. Зошто досега тоа не е истражено, не знам. Но, можеме да претпоставиме. Се надевам дека сега, со новиот јавен обвинител ќе имаме детална анализа за сето ова“,
кажа Мицкоски.
Лично, како што рече, од Савески очекува да постапи уште по најмалку две работи, кои, додаде, се важни за иднината на оваа држава, оти ако не се открие нивната вистина, ќе живееме во илузија.
„Првата работа е како магично тогаш затвореничката Катица Јанева, предметите што беа дел од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги достави повторно во судска пракса. Ова прашање е важно за правосудскиот систем и за владеење на правото. Нема да се смирам додека не добија одговор за ова. И второ, според мене многу важно прашање, кое ќе го поделам во две подгрупи, е како им се судеше на група луѓе за тероризам и врз основа на кои докази, и како се изнудуваа изјави од тогаш т.н. специјални јавни обвинители. Втората подгрупа прашања е за колкави дополнителни примања и бонуси станува збор за т.н. специјални јавни обвинители и зошто се плашат овој предмет да влезе во фаза на истрага и во судовите“,
вели премиерот.
Од собраниската говорница, тој упати апел до Савески да отвори истрага и да ја истурка докрај, за кого и да постои основано сомнение дека сторил криминал, вклучително и за членовите на актуелната влада.
„Не смее да има повластени. Не постои за една држава поголема Ахилова пета од луѓе што носат одлуки во името на таа нација и таа држава, а се корумпирани. Ние сме влада што со своите постапки досега покажува дека доколку постои еклатантен доказ за злоупотреба, постапува веднаш, без разлика за кого станува збор. И така очекувам да се однесува и новиот државен јавен обвинител“,
рече тој.
Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески во интервју за „360 степени“ рече дека не чувствува ниту товар ниту обврска кон актуелната власт, за тоа што неговиот избор во Собранието беше поддржан единствено од пратеници од владејачкото мнозинство.
Во однос на пораката од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, дека новиот обвинител има обврска „институционално да расчисти со последиците од СЈО“, Савески вели – нема што да се расчистува, институцијата не е дел од правосудниот систем.
„Секој којшто се обраќа во јавноста, а тоа обраќање се однесува на правосудството, вклучително, еве, и за мојата позиција, треба да се слушне, треба да се има предвид, јавноста секогаш е тука да биде слушната. Меѓутоа, тоа не се стандардите, ниту параметрите, ниту законските основи во коишто секој јавен обвинител би постапил. Секој предмет има свое значење. Сите тие странки во сите тие предмети очекуваат еднаков третман. Така што, во секој предмет важат истите законски основи. Сè што би било поинакво постапување, би било спротивно на закон. Редоследот по којшто се делат предметите, редоследот по којшто се постапува по предметите, фазите во коишто се носат јавнообвинителските одлуки во рамките на Јавното обвинителство и со таквите одлуки доколку се истапи пред судот, има рокови, има законски процедури и не останува ништо друго освен да се почитуваат процедурите“,
рече Савески.
