Од прес-службата на бугарската влада за нова.бг велат дека доколку некоја од фотографиите објавени на фејсбук профилот на премиерот Кирил Петков е редактирана, тоа е направено ненамерно
Вчера, премиерот Димитар Ковачевски на фејсбук објави фотографија и соопшти дека на маргините на Минхенската безбедносна конференција, обраќањето на потпретседателката на САД, Камала Харис, го следел со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и бугарскиот премиер Кирил Петков. Притоа, Ковачевски посочи дека Блинкен ја изразил својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Скопје и Софија.
Истото е наведено и во владиното официјално соопштение, каде пишува дека Ковачевски, заедно со Петков имале срдечна средба со Блинкен.
Денеска, истата фотографија се најде и на Фејсбук профилот на бугарскиот премиер Кирил Петков, но Ковачевски беше исечен од неа.

Потегот на Петков предизвика лавина реакции во јавноста и се најде во фокусот на македонските и бугарските медиуми.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение велат дека новите ветришта на пријателството „го оддуваа“ Ковачевски од фотографијата. Бараат и владина реакција.
„ВМРО-ДПМНЕ е крајно изненадена од молкот на Владата на Република Македонија во врска со потегот на претседателот на Владата на соседна Бугарија, г. Кирил Петков кој фотографијата од трилатералната средба со секретарот за надворешни работи на САД, на која учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски, ја прикажа како билатерална, грубо тргнувајќи го ликот на македонскиот премиер од фотографијата. Со оглед на карактерот на оваа важна средба за двете држави, како и со оглед на најавите на СДСМ за новите ветришта во односите со соседна Бугарија, ваквиот потег на премиерот Петков во однос на македонскиот премиер, не претставува само акт на понижување на лицето Димитар Ковачевски, што не е наш проблем, туку директно девалвирање на нашата држава за што сме принудени да реагираме“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од прес-службата на бугарската влада за нова.бг одговориле дека фотографиите се направени на самата конференција, а доколку некоја од нив е редактирана, тврдат дека тоа ненамерно се случило во прес-центарот.
