Од опозицијата тврдат дека за два договори потпишани во 2019 и 2020 година, тендерската документација била менувана со цел зделката да ја добие струмичката фирма во сопственост на роднината на Рашковски
Обвинувања кон СДСМ и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, за местење тендери во „Дрисла“, денеска на прес-конференција изнесоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за добиени тендери тешки 850 000 за изнајмување машини, добиени откако „Дрисла“ стана јавно претпријатие, односно падна под надлежност на Град Скопје.
„Како во време на СДСМ, додека со ’Дрисла‘ управува Коста Начевски, роднина на Рашковски и функционер на СДСМ, фирмата ’Алпима градба‘ на Александар Пиперевалиев од Струмица, бизнис-партнер на Заеви и роднина на Рашковски, склучува договори за изнајмување машини со јавното претпријатие, за што му се исплаќаат близу еден милион евра?“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој тврди дека за два договори потпишани со оваа фирма во 2019 и 2020 година тендерската документација била менувана со цел зделката да ја добие струмичката фирма во сопственост на роднината на Рашковски.
„Како тече постапката и како се мести тендерот за струмичката фирма? Одговор ќе ви дадам сега. Според договорот од 2020 година, вреден над 12 милиони денари, и тоа е првата работа откако ‘Дрисла’ станува ЈП и со претпријатието почнува да управува Коста Начевски. Се распишува оглас за изнајмување на механизација, кој првично содржи услови за заинтересираните да имаат минимален годишен приход од 20 милиони денари годишно три последователни години, последните години, да имаат најмалку 12 вработени и други критериуми коишто замислете додека е отворена постапката, се менуваат и се бришат! Односно огласот почнува да ги добива контурите токму како на фирмата на Пиперевалиев од Струмица, бизнис-партнер на Заев и роднина на Драги Рашковски, во тој момент генерален секретар на Владата“,
рече Стоилковски.
Вториот спорен момент, рече портпаролот, е што за договорот меѓу „Дрисла“ и фирмата на Пиперевалиев е прекршен Законот за јавни набавки и договорот е склучен во четири очи.