Позицијата што ја имам сега е менаџерска – јас нема да оперирам срце, вели новиот министер за здравство Азир Алиу

По критиките дека доктор на информатички науки ќе министерува во здравството, новоизбраниот министер, Азир Алиу, денеска кажа дека тој нема да оперира срце, туку ќе менаџира со ресорот.
„Тоа е вистина, јас сум доктор по информатички науки, не сум лекар, но позицијата што ја имам сега е менаџерска. Јас нема да оперирам срце, туку ќе креирам системи кои ќе бидат оптимални, отчетни и навремени, за да може лекарот или кардиологот да оперира срце, во реално време, со добри инструменти, отчетност кон граѓаните, а не листа на чекање. Обврска на минисерот е тоа, со пациентите ќе работиме заедно за да креираме таков систем. Јас во принцип сум отворен и во сите други менаџерски позиции кои ги имав и креирам работни групи со граѓани, невладени, сите кои се директно или индиректно поврзани со здравството“,
кажа Алиу.
Инаку, Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки. Работел како професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово.
Тој беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставената биографија, бил и на други високи и одговорни позиции.
Алиу е дел од Алијанса за Албанците која остана во ВЛЕН откако доскорешниот министер за здравство и лидер на ова крило на АА си поднесе оставка на 15 мај годинава и реши да замине во опозиција.
На денешната – прва прес-конференција по неговиот избор, Алиу објави амбициозен план за реформи во здравството, во пет столбови – од мапирање на здравствените потреби по региони, платформа за следење на перформансите на болниците, професионален развој на кадрите, план за одржливо финансирање и дигитализација.