Во вечерашната дебата на „360 степени“ дебатираат шестмина кандидати за градоначалник на Скопје. Во првиот круг тие одговараа на прашањето кои се нивните планови и кои чекори и политики ќе ги преземат за да се намали загадувањето на воздухот во Скопје.
По пат на влечење ждрепка на ова прашање прва одговараше, Данела Арсовска, независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Обнова за Македонија“ и Алијанса на Албанците и Алтернатива.

„Ова е навистина важно прашање и неопходно е да има системски решенија. Овие системски решенија ќе вклучат повеќе проекти кои ќе се реализираат едновремено почнувајќи со бесплатниот јавен превоз кој го најавив. Решението е во намалување на користењето на автомобилите, според сите анализи и студии кои се направени за онаму каде ова се имплементира. Второ, е тоа што го најавивме за набавка на 250 еколошки автобуси кои ќе бидат достојна замена за она што го имаме во овој момент. И трета важна работа е гасификацијата која беше ветена од градоначалникот во заминување како итно и битно, а видовме дека ниту било итно ниту било битно. ОВа е нешто што е неопходно за во следните четири години веднаш да се спроведе. И последното што е важно и го имам во мојата програма е итно чистење на сите диви депонии и тоа 82 дена, за да и оваа зима немаме загадување како што гледаме изминативе години во градот Скопје“,
рече Арсовска.

Александар Тортевски, од Твоја партија одговараше втор на ова прашање и тој вели дека генерално борбата за чист воздух е борба против сиромаштијата.
„Во сиромашно општество ќе имаме секогаш голем степен на загадување и за жал, на овој степен на сиромаштија, централната власт, чиј претставник е Шилегов, прави се за да не се намали сиромаштијата. не направија потег до пристапот на сончевата енергија. Зошто во Македонија нема фотоволтаични панели на покривите? Затоа што на неколку тајкуни им е дадена можноста, ексклузивитетот да располагаат со таа електрична енергија. Граѓаните можат максимум да создадат струја од 4,5 киловати за себе, што значи дека вишокот што ќе го произведат од сопствениот покрив тие мораат да го дадат на ЕВН по цена од нула денари. Тоа е криминал. Граѓаните се оневозможени самите да придонесат во производството на чиста енергија. Доколку победам на изборите и бидам градоначалник, на сите градски институции ќе има фотоволтаични централи и на сите градски паркинзи ќе има фотоволтачни централи и со тоа ќе ги напојуваме електричните автобуси кои ќе ги купиме и ќе ги субвенционираме со бесплатна електрична енергија сопствениците на електрични возила. Ова е за почеток“,
рече Тортевски.

Актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Петре Шилегов, рече дека Скопје веќе не е најзагаден град во Европа.
„Уште повеќе, Скопје не е најзагаден град ниту во Македонија. За четири години успеавме просечната вредност н загадување да ја намалиме за една третина. Децениските депонии беа исчистени, а заменивме и исчистивме 8 000 оџаци низ градот, поделивме над 5 000 инвертер клими, изработивме 110 километри велосипедски патеки и купивме 33 еколошки автобуси. Пинатаму, целосно сработивме нов систем на јавен еколошки транспорт кој треба да биде имплементиран во наредните две години. Ова се резултати кои придонесоа на намалувањето на загаденоста и затоа и не е една од главните теми на овие дебати. Она што знам е дека многу направивме, но и во иднина нè очекува уште поголема борба против загаденоста која мора да биде системски добро испланирана, а не само нафрлена. Во крајна фаза сме за почеток на терцијалната гасификација која ќе се одвива на цела држава, а во исто време променивме преку 100 котли на државните институции кои досега се грееја на мазут“,
рече Шилегов.

Независната кандидатка и поддржана од Зелен хуман град, Ана Петровска, рече дека загадувањето на воздухот поризлегува од индустријата, градежништвото и сообраќајот.
„Ние ќе се фокусираме на зајакнување на инспекциските контроли. Всушност, кога бев директорка на Инспекторатот за животна средина успеавме многу бргу да ги консолидираме инспекциските надзори. Во првите шест месеци од 2021 година во споредба со истиот период од минатата година, го зголемивме бројот на откриени неправилности и изречени казни. Значи може со 16 инспектори за цела Македонија да се направи чудо, а тоа ќе го правиме и во Скопје со координирани надзори во сите индустриски зони и надвор од нив. Понатаму, имаше иницијатива за закон за комунална инспекција, која би имала овластувања и да се справи со палење на кабли на Вардариште и во други населби. Тој закон е заглавен во некоја фиока, но при првото седнување како градоначалник на Скопје, јас ќе го извадам тој закон и ќе го види светлината на денот“,
рече Петровска.

Петар Георгиевски – Камиказа, кандидат за градоначалник на Скопје, поддржан од Левица, рече дека фотоволтаиците се првио чекор за да се отстрани создавањето на струјата која загадува.
„Втора работа е што ќе забраниме увоз на медицински отпад и ќе ги раскинеме сите договори што Град Скопје ги има направено за увоз и на други отпадни материи кои го загадуваат воздухот во Скопје секојдневно. Некој си игра со нашето здравје. ЌЕ направиме контрола на сите можни фабрики кои гравитираат во Скопје и доколку ги немаат основните стандарди против загадувањето ќе спроведеме сериозна санкција врз нив со инспекторите на Град Скопје. За некои работи мора да тргнеме и од самите себе, затоа секогаш кога можеме да одиме пеш, наместо да користиме автомобил. Од ова што го слушнав од Шилегов за изминатите четири години, јас немам ништо видено од тоа што го наброи“,
рече Георгиевски.

На прашањето за спречување на загадувањето на воздухот во Скопје, последен одговараше кандидатот за градоначалник на коалицијата „Одлучно за промени“ (ДОМ и ЛДП), Арбен Бени Шакири кој рече дека никој нема да може ова комплексно прашање да го реши докрај.
„Канцерогените заболувања се на највисокот можно ниво од осамостојувањето на држвата. Затоа, не ми е јасно како досега сите централни власти, но и градоначалници така паушално даваат изјави и мислам дека живемее во два различни града. Јас сум од Скопје и точно знам колку е загаден воздухот, а во тој правец коалицијата која ме кандидира има неколку начини како ќе се справува со загадениот воздух. воведување на централно парно греење, но сериозна компанија која ќе работи, а не како оваа што ја основаа градските власти, а таа не е во функција четири години. Секоја година да за 25 отсто да се зголемуваа ткорисниците на централното парно греење, за на крајот од мандатот да имаме двојно корисници“,
рече Шакири.