Според најавата на Европската служба за надворешни работи, за време на средбата на Скопје, високата претставничка на ЕУ в петок ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски по што ќе одржат заедничка прес-конференција. Средби ќе оствари и со министрите за надворешни работи и за одбрана Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас в петок ќе биде во посета на Скопје во рамки на својата турнеја низ земјите од Западен Балкан, која ја стартува денеска.

Според најавата на Европската служба за надворешни работи, за време на средбата на Скопје, Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција во 12:10 часот.
Калас ќе се сретне и со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, со кого ќе го отвори првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и С Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот Договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.
Во присуство на министерот за одбрана Владо Мисајловски, пак, предвидено е Калас да ја посети постојаната организација на Балканската медицинска работна група.
Пред доаѓањето во Скопје, Калас утре ќе биде во Белград каде што ќе се сретне со претседателот Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут, со министрите за надворешни работи и за европски интеграции Марко Ѓуриќ и Немања Старовиќ, со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, како и со претставници на опозициските пратенички групи. Таа ќе се сретне и со претставници на студентите и на граѓански организации.
Од Белград, Калас утре попладне ќе замине за Приштина, каде што ќе оствари средби со претставници на косовските политички партии и граѓански организации, ќе ја посети Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС и ќе има средба и со командантот на КФОР, Енрико Бардуани.
Од 7 до 9 април Калас беше во посета на Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.