Досега се вакцинирани околу 13 000 граѓани, заклучно со вчера, а од Србија се очекуваат списоците на оние наши граѓани што таму ја примиле вакцината
Нашите власти ја чекаат одлуката од Европската агенција за лекови за тоа како натаму ќе се користи вакцината на „Астра Зенека“ со која сега се вакцинираат лицата над 60 години
Освен објавите на социјалните мрежи и во некои медиуми, кај нас нема некое силно антивакцинално движење.
Вчера, од 2 800 пријавени за вакцинација, 2 500 се појавиле на пунктовите. За тоа дали имало случаи меѓу здравствените работници некој да одбие вакцинација, министерот за здравство Венко Филипче рече дека досега се вакцинирани над 90 отсто од здравствените работници во ковид-центрите, а оние што се пријавиле од другите здравствени установи се вакцинира вчера и денеска.

Во моментов се вакцинираат лица од критичните сектори, како армија и полиција, кои се најекспонирани, вработени во градинките и лицата по институции кои се над 50 години и со хронични болести.
Досега се вакцинирани околу 13 000 граѓани, заклучно со вчера, а од Србија се очекуваат списоците на оние наши граѓани што таму ја примиле вакцината.
Од досега вакцинираните кај нас, има само една реакција и тоа кај 28-годишната девојка што имаше венска тромбоза на окото, а таа денеска ќе замине на домашно лекување. Вчера имало и две колабирања, кои не биле поврзани со вакцината, туку со панични или други напади.

Нашите власти ја чекаат одлуката од Европската агенција за лекови за тоа како натаму ќе се користи вакцината на „Астра Зенека“ со која сега се вакцинираат лицата над 60 години. Филипче рече дека сега веќе се вакцинираат лицата од 75 години, а полека таа возрасна граница ќе се спушта како што ќе доаѓаат вакцините.
Тој не можеше да гарантира кога ќе пристигнат другите нарачани дози вакцини, освен најавата дека од 15 до 20 овој месец се очекуваат „спутник В“ и оние на „Синофарм“ и „Фајзер“.
Целта е кога ќе пристигнат овие количини да се вакцинираат по 7 000 лица дневно.