Телевизиската станица Н12 објави претходно денеска, повикувајќи се на неименуван вработен во канцеларијата на Нетанјаху, дека Израел, наводно, дал зелено светло за прекин на огнот со Хезболах за да преговара за траен договор
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ порача на армијата да продолжи со борбата „со полна сила“ и не одговори на вчерашниот повик за примирје, соопшти неговиот кабинет, јавува Би-би-си, откако претходно некои медиму објавија дека дал зелено светло за примирје со либанската милиција Хезболах.
Телевизиската станица Н12 објави претходно денеска, повикувајќи се на неименуван вработен во канцеларијата на Нетанјаху, дека Израел, наводно, дал зелено светло за прекин на огнот со Хезболах за да преговара за траен договор.
„Веста за примирјето не е точна. Станува збор за американско-француски предлог на кој премиерот не ни одговори. Веста за наводната наредба за намалување на борбите на северот е исто така спротивна на вистината“,
објавија од канцеларијата на Нетанјаху како одговор на предлогот на 12 меѓународни сојузници кои се заложија за договор за прекин на огнот.
Обединетото Кралство им се придружи на САД, Франција и низа сојузници во повикот за итен привремен прекин на огнот во Либан, предупредувајќи дека ескалацијата на насилството меѓу Израел и Хезболах е „неподнослива“.
Во заедничката изјава, 12-члениот блок повикува на 21-дневен прекин на огнот „за да се обезбеди простор за дипломатија во насока на постигнување дипломатско решение“, како и на прекин на огнот во Газа.
„Премиерот им нареди на ИДФ (израелските одбранбени сили) да продолжат да се борат со полна сила и во согласност со плановите што му беа презентирани. Исто така, борбите во Газа ќе продолжат се додека не се постигнат сите воени цели“,
додадоа од канцеларијата на Нетанјаху.
ИДФ во соопштение објави дека продолжува со нападите врз цели на Хезболах во Либан, но не даде дополнителни детали. Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац денеска го отфрли предлогот за договор за прекин на огнот во Либан, откако САД и Франција повикаа на 21-дневно примирје за да се овозможи постигнување дипломатско решение.
„Нема да има примирје на север. Ќе продолжиме да се бориме против терористичката организација Хезболах со сите сили до победата и безбедното враќање на жителите во нивните домови на северот“,
напиша тој на социјалната платформа Икс.
Прекуграничната размена на оган меѓу Хезболах и израелската војска започна по почетокот на војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, предизвикана од нападот на палестинското исламистичко движење на 7 октомври на израелска територија.
Судирите се интензивираа по бранот експлозии на комуникациски уреди на Хезболах на почетокот на минатата недела, во кои загинаа 39 лица, а беа ранети 2 931, според либанските власти.