„Сарказам во Бугарија и иронија со Европската Унија“ – вака од кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама за ТВ 21 ја протолкуваат неговата изјава, во која тој неформално ја нарекува земјава „Идната Западна Бугарија“.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ станува збор за скандал поради кој премиерот Ковачевски треба да поднесе оставка, бидејќи ја понижил државата со тоа што се смеел наместо да реагира на коментарот на Рама.
„Димитар Ковачевски не го штити, туку го продава македонскиот идентитет и Македонија. Едно збори пред камерите, а зад камерите гледаме како се смее и одобрува Македонија да се нарекува Западна Бугарија. Ковачевски и ова СДСМ се антидржавни елементи преку кои Македонија доживува понижувања.“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, ја обвинуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ги извртува изјавите на премиерот Рама кои според СДСМ, се саркастични и не се злонамерни за Македонија.
„Денеска ВМРО-ДПМНЕ се обиде да извртува иронична изјава на премиерот на Албанија, чиј сарказам е познат во јавноста и се однесува на блокадата на Република Бугарија и односот кон процесот на проширување на ЕУ. Неговиот сарказам и иронија се јавни и познати, но, не се и никогаш не биле насочени кон нашата земја, напротив. И за време на Самитот на Опен Балкан и претходно, Рама е иронечен за блокадата на Бугарија за нашата земја, којашто ја блокира и Албанија“
велат од СДСМ.
Во видео-снимка објавена на „Јутјуб“, за време на неформален дел од вчерашниот Самит во Солун, при претставувањето на премиерот Димитар Ковачевски од страна на грчкиот премиер Мицотакис пред германскиот канцелар Шолц, се вклучува Рама, кој ја ословува државава како „Западна Бугарија“. На тоа сите присутни се смеат вклучувајќи го и самиот Ковачевски.