Претседателските овластувања и должности на Јун ќе бидат суспендирани откако копии од документот за отповикување ќе бидат доставени до него и до Уставниот суд кој има 180 дена да одлучи дали да го разреши претседателот од функцијата или да му ги врати овластувањата
Парламентот на Јужна Кореја го отповика претседателот Јун Сук Јеол, гласајќи да го суспендира од службените должности поради неговиот минатонеделен обид да воведе воена состојба.
Националното собрание го усвои предлогот за отповикување со 204 гласа „за“ и 85 „против“. Тројца биле воздржани, а осум гласа биле поништени, пренесува „Гардијан“.
Претседателските овластувања и должности на Јун ќе бидат суспендирани откако копии од документот за отповикување ќе бидат доставени до него и до Уставниот суд.
Судот има 180 дена да одлучи дали да го разреши Јун од претседателската функција или да му ги врати овластувањата.
Доколку биде разрешен од функцијата, националните избори за избор на неговиот наследник мора да се одржат во рок од 60 дена.
Според Уставот, премиерот Хан Дак-су, назначен од Јун, станува вршител на должноста претседател. Јун е вториот конзервативен претседател кој е отповикан во Јужна Кореја. Парк Геун-хе беше отстранета од функцијата во 2017 година.
Јужнокорејскиот премиер Хан Дак-Су вети дека ќе „обезбеди стабилно управување“.
„Ќе ги посветам сите мои сили и напори за да обезбедат стабилно владеење“,
изјави Хан.
Одлуката за отповикување на Јун дојде откако некои членови на Партијата на народната моќ на Јун им се приклучија на опозициските партии, кои контролираат 192 места во 300-членото Национално собрание, со што го пробија прагот од две третини потребни за отповикување.
Драматичната одлука е кулминација на изненадувачкиот политички конфликт што започна кога Јун на 3 декември накратко прогласи воена состојба и ѝ даде на војската сеопфатни овластувања со цел да ги искорени, како што ги нарече, „антидржавните сили“ и да ги надмине опструкциите од политички противници.
Опозициските партии се обидоа да го отповикаат пред една недела, но Јун го преживеа гласањето бидејќи членовите на неговата владејачка партија Народна моќ го бојкотираа гласањето, надевајќи се дека претседателот сам ќе поднесе оставка. Сепак, Јун реши да заземе уште поостра линија, држејќи говор во четвртокот во кој ја бранеше одлуката за воена состојба, ја критикуваше опозицијата, тврдеше дека се обидува да ја „спаси земјата“ и вети дека ќе „се бори до последен момент со народот“.
Но, непосредно пред говорот, лидерот на неговата партија ја повлече својата поддршка за претседателот и го поддржа отповикувањето како „единствен начин за одбрана на демократијата“, повикувајќи ги пратениците да гласаат според нивната совест.
Илјадници демонстранти се собраа денеска во Сеул, повикувајќи го Јун да поднесе оставка пред гласањето.