Јужна Кореја денеска бележи нови 16 излекувани лица од ковид-19 кои на тестовите повторно биле позитивни, со што вкупниот број на такви пациенти во оваа земја се зголеми на 179
Јужнокорејскиот Центар за заразни болести информира дека 16 лица, кои претходно се излекувале од ковид-19 и биле пуштени од карантин, на повторните тестови излегле позитивни.
Тоа значи дека 179 од вкупно 8 042 излекувани пациенти во Јужна Кореја покажуваат знаци на присуство на ковид-19. Медицинските власти во Сеул се уште ги истражуваат причините зошто ова се случува.
„Опсежна епидемиолошка истрага е во тек за да се утврдат причините зошто излекувани пациенти повторно имаат позитивни наоди на ковид-19 и зошто меѓу нив најбројна е младата популација во дваесетите години од животот“,
велат медицински претставници во Јужна Кореја.

Засега најверојатното објаснување за тоа зошто исти луѓе повторно се позитивни на ковид-19 е дека тестовите ги препознаваат остатоците од вирусот.
Како и во други земји, Јужна Кореја користи тестови кои функционираат на принципот на пронаоѓање траги од генетската информација на вирусот – неговата ДНА, преку земање примерок од одреден пациент.
Според објаснувањата на надлежните во Сеул, овие тестови можеби се уште наоѓаат остатоци на ДНА на вирусот кај пациенти кои ја прележале болеста зашто тестовите се многу сензитивни.
Слична теорија имаа и кинеските научници. Жонг Наншан, еден од врвните експерти во Кина, минатата недела објаснуваше дека излекувано лице може да се покаже позитивно зашто фрагменти од заразата останале во неговото тело. Според Наншан, ова не е нешто за што треба да сме загрижени.
Кои се другите објаснувања?
Има и други теории зошто некои пациенти пак се позитивни на тестирањето, како на пример, грешка во тестовите. Но, според јужнокорејските врвни доктори малку е веројатно да станува збор за грешка во тестовите и затоа инсистираат на натамошни испитувања за да се дојде до релевантни податоци.

Јин Ким од јужнокорејскиот град Даејеон, за кој на 25 март беше утврдено дека е позитивен, оваа недела бил подложен на тест кој покажал дека е негативен. Но, само ден подоцна тестот покажал дека е пак позитивен на ковид-19. Затоа, тој пак ќе мора да се тестира уште најмалку два пати, зашто се неопходни два едно по друго негативни теста за да биде прогласен за излечен.
Дали лицата кои повторно се позитивни можат да ја ширата заразата?
Според официјални претставници на Јужна Кореја, засега нема докази дека овие лица кои повторно се покажале позитивни, ја шират заразата. Сепак, препораките во оваа земја се лицата кои се отпуштени од болница да остана во изолација во времетраење од 14 дена.