На итниот состанок на партијата, лидерот Хан Донг-хун посочил дека постои значителен ризик претседателот да нареди нови екстремни акции
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол може да ги стави граѓаните на земјата во голема опасност доколку не биде суспендиран од функцијата, изјавил денеска шефот на владејачката партија навестувајќи со тоа дека е голема веројатноста парламентот да гласа за отповикување на Јун по неуспешниот обид за прогласување воена состојба, пренесуваат светските медиуми.
Во меѓувреме, владата ги негираше извештаите дека се подготвува да издаде нова декларација за прогласување воена состојба.
Јун ја шокира нацијата и неговата владејачка партија Народна моќ во вторникот кога ѝ даде на војската сеопфатни овластувања со цел да ги искорени, како што ги нарече, „антидржавните сили“ и да ги надмине опструкциите од политички противници.
Тој ја укина декларацијата околу шест часа подоцна откако парламентот, вклучително и некои членови на неговата партија, гласаа против декретот.
„Доколку претседателот Јун продолжи да ја извршува претседателската функција, постои значителен ризик да се повторат екстремни акции слични на декларацијата за воена состојба, што би можело да ги стави Република Кореја и нејзините граѓани во голема опасност“,
рекол шефот на партијата Народна моќ, Хан Донг-хун, на итен состанок на раководството на партијата, пренесува „Гардијан“.
Вчера владејачката партија соопшти дека е против импичмент, но Хан посочи дека ваквиот став е можно да биде променет доколку се појават веродостојни докази дека претседателот Јун имал намера да уапси и приведе политички лидери во Гвачеон, јужно од Сеул.
„Верувам дека итно суспендирање на функцијата на претседателот Јун Сук Јеол е неопходно за да се заштитат Република Кореја и нејзиниот народ во светлината на новооткриените факти“,
рекол Хан.
Лидерот на партијата посочил дека постои значителен ризик претседателот да нареди нови екстремни акции.
Дел од членовите на партијата, пак, изјавиле дека не сакаат повторен импичмент на претседателот на земјата, како што тоа беше случај со поранешната претседателка Парк Геун-хе во 2016 година, што предизвика имплозија на конзервативната партија и победа на либералите на претседателските и општите избори.
„Не можеме да го отповикаме претседателот утре и да го предадеме режимот на Демократската партија на Ли Јае Мјунг“,
им рекол на новинарите пратеникот од владејачката партија, Јун Санг Хјун.
За да се успее предлог-законот за импичмент, потребна е поддршка од две третини во јужнокорејскиот парламент кој брои 300 пратеници. Партијата на Јун има 108 пратеници, што значи дека осум би морале да застанат на страната на опозицијата за законот да помине.
Доколку парламентот изгласа импичмент, претседателот ќе биде суспендиран од вршењето на овластувањата додека Уставниот суд не се изјасни за законот. Во случај импичментот да помине и претседателот да биде суспендиран, неговите надлежности ќе ги преземе премиерот.
Националната полиција на земјата започна истрага против претседателот Јун и министерот за одбрана Ким Јонг Хјун, кој наводно го охрабрил да прогласи воена состојба. По ваквите наводи, министерот за одбрана поднесе оставка со уште неколку други функционери.
Владата и воените обвинители, исто така, одлучија да спроведат заедничка истрага за одлуката за воена состојба, објави телевизијата ЈТН.
Во вторникот главниот град на Јужна Кореја, Сеул, беше обвиен во хаос по ненадејната декларација на Јун да прогласи воена состојба, која ги врати болните сеќавања на долгите години воено владеење во земјата по Втората светска војна.