Фирмата, која е во сопственост на Асмир Јахоски, инаку син на пратеникот од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, била единствен понудувач на тендерот. Договорот е склучен на 24 месеци
Во декември минатата година ЈСП „Скопје“ интервентно купи гориво од „Пуцко петрол“. Набавката тешка околу два милиони евра без вклучен ДДВ, беше склучена со т.н. договор во четири очи, односно во постапка за преговарање без објавување на оглас. Постапката беше одобрена од Бирото за јавни набавки по налог на Владата откако јавниот превоз во Скопје целосно запре
За потребите на јавниот превоз во главниот град, Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ склучи милионски договор за набавка на дизел-гориво со „Пуцко петрол“.
Договорот, склучен на 29 јануари годинава е објавен денеска на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки. „Пуцко петрол“, според договорот, ќе го снабдува ЈСП со гориво на период од 24 месеци, односно две години, а вкупниот износ на набавката со вклучен ДДВ изнесува 26,9 милиони евра.
На јавниот повик за набавката на дизел-годиво за ЈСП е добиена само една понуда – онаа од „Пуцко петрол“, кој е и единствен понудувач на тендерот. Станува збор за рамковна спогодба, што значи дека може, но и не мора да се исцрпи целата вредност на договорот.
Во декември минатата година ЈСП „Скопје“ интервентно купи гориво од „Пуцко петрол“. Набавката „тешка“ околу два милиони евра без вклучен ДДВ, беше склучена со т.н. договор во четири очи, односно во постапка за преговарање без објавување на оглас. Постапката беше одобрена од Бирото за јавни набавки по налог на Владата откако јавниот превоз во Скопје целосно запре.
Ова уследи откако кон крајот на ноември пропадна еден од тендерите за набавка на гориво за ЈСП. Во образложението за поништената постапка, од Бирото за јавни набавки тогаш информираа дека јавното претпријатие избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на еуродизел. Понудата била единствена во постапката и не исполнувала услов што самото ЈСП го навело во тендерската документација.
Инаку, „Пуцко петрол“, фирмата која е во сопственост на Асмир Јахоски, син на пратеникот од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, повеќе години го снабдува ЈСП со гориво.