Според Бирото, Градот Скопје треба навремено да реагира и да ги искористи законските можности што му стојат на располагање, со цел да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка
Јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП“ – Скопје избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел, увидела управната контрола, а информираат од Бирото за јавни набавки. Оттаму велат дека понудата, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самиот ЈСП го навел во тендерската документација. Истото, според Бирото, е наведено и во самиот извештај од спроведената постапка во Комисијата за јавна набавка во претпријатието.

„Управата контрола дала јасни инструкции што треба да преземе ЈСП во записникот од спроведената контрола. Со оглед на тоа што ЈСП направил избор на неприфатлива понуда, а други понуди немало во постапката, дадени се инструкции Комисијата за јавна набавка да ја стави вон сила донесената одлука за избор и да донесе одлука за поништување на постапката. Таквите инструкции се според член 177 став 3 од Законот“,
се вели во соопштението на Бирото за јавни набавки.
Напоменуваат дека ЈСП не ја искористил ниту можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите што му стојат на располагање во Законот, од причина што се работи за правилно утврдена фактичка состојба од страна на Бирото и исход на постапката што не може да биде поинаков, а да биде во согласност со Законот.
„Бирото за јавни набавки постапува професионално, без оглед на дневните политички препукувања. Со ставовите од соопштението на Градот Скопје се прави обид фокусот од лошо спроведената постапка да се прекрие со клевети. Така, ставот ‘кадарот на шефот на ВМРО во Бирото’ во целост ги отфрламе како непримерни и непрофесионални“,
велат од институцијата.
Според Бирото, Градот Скопје треба навремено да реагира и да ги искористи законските можности што му стојат на располагање, со цел да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка.
„За секој проблем има решение, само што Градот треба да има волја и знаење да го најде, наместо да бара дежурни виновници кај другите“,
велат од Бирото.
Инаку, сите постапки за јавни набавки на стоки и услуги со вредност на 500 000 евра се предмет на управна постапка, согласно членот 172 став 3 од Законот за јавни набавки, без оглед на тоа кој договорен орган ги спроведува.
Од Синдикатите при јавното претпријатие вчера информираа дека во Скопје сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во Автокоманда и во Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
Од Град Скопје преку писмено соопштение прстот за настанатата криза со доставувањето нафта го вперија во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека станува збор за креирана криза.
„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио. Во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои скоро воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат, денес менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење, а кој ќе им ги верификува кога не возат“,
се наведува во соопштението од Град Скопје.
Оттаму велат дека од моментот кога премиерот Христијан Мицкоски „отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, се дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за скопјани, отпочна и голготата на претпријатието.
„Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација“,
додаваат од Градот.
Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика жителите в петок (22 ноември) да излезат на протест затоа што немаат редовни автобуски линии.
Најава за протест вчера дојде и од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од каде испратија ултиматум на ЈСП „Скопје“ и на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, дека ако до крајот на денот не ги вратат во нормала автобуските линии, ќе излезат на протестот најавен за в петок.