Советничката Милица Давчева од Левица на вчерашната седница на Советот на Град Скопје рече дека со предлог-одлука за менување на возниот ред на ЈСП „Скопје“, меѓу другото, се предложува укинување на линијата со број 35
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ ги демантира наводите што на вчерашната седница на Советот на Град Скопје беа изнесени од советничката група на Левица дека се укинува автобуската линија со број 35.

„Автобуската линија број 35 воопшто не е укината ниту променета. Дополнително, таа не беше ниту предмет на разгледување во Одлуката за измена на линискиот превоз на патници во Град Скопје“,
велат од ЈСП.
Претпријатието ги повика корисниците на јавниот превоз со резерва да ги прифаќаат непроверените информации изнесени во јавноста кои, како што велат, предизвикаа паника и вознемиреност кај дел од граѓаните, особено кај учениците од средните училишта во Скопје.
Советничката Милица Давчева од Левица на вчерашната седница на Советот на Град Скопје рече дека со предлог-одлука за менување на возниот ред на ЈСП, меѓу другото, се предложува укинување на линијата 35.
„Можеби најнебулозното нешто што го слушнав денес на оваа седница е предлог-одлуката со која се менува возниот ред, а автобуси уште нема. Забележав дека ’35’ е укината како линија во возниот ред иако тоа е единствената линија што го поврзува Чаир со Аеродром каде што многу граѓани и жители на Чаир патуваат до Аеродром, работат таму, има средни училишта во Аеродром каде што учениците патуваат и всушност оваа линија сега целосно се укинува“,
рече меѓу другото советничката од Левица, Милица Давчева.
