Град Скопје за нов директор на ЈСП го назначи Александар Стојковски, кој на оваа функција доаѓа како претходно вработен во Јавното сообраќајно претпријатие
Инаку, претходниот в.д. директор на ЈСП, Иван Илиевски, на функцијата беше поставен во декември минатата година, но за само пет месеци од неговата работа во претпријатието Град Скопје соопшти оти му истекол мандатот и дека ќе биде избран нов на негово место

Откако пред една недела Град Скопје соопшти оти на в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) му истекол мандатот по само пет месеци откако беше поставен на функцијата, ЈСП доби нов директор.
Град Скопје за нов директор на ЈСП го назначи Александар Стојковски, кој на оваа функција доаѓа како претходно вработен во Јавното сообраќајно претпријатие.
Стојковски, како што информираат од Град Скопје, е дипломиран машински инженер на Машинскиот факултет во Скопје и има над 20 години работно искуство.
„Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на новиот директор му посакува успешна работа, да продолжи со досегашната успешна организациска поставеност на ЈСП, со грижата за вработените и да работи пред сè во служба на сите граѓани, воспоставувајќи одлуки кои ќе бидат во интерес за сите граѓани“,
стои во соопштението од Град Скопје.
Оттаму додаваат оти ЈСП ќе продолжи да го опслужува јавниот превоз во интерес на скопјани, но и оти ќе продолжи со, како што велат, домаќинското работење, оптимизацијата на трошоци и консолидирање на претпријатието, како еден од предусловите кон отпочнување на следната фаза до конечно исполнување на ветувањето на градоначалничката Арсовска за бесплатен јавен превоз.
Инаку, претходниот в.д. директор на Јавното сообраќајно претпријатие, Иван Илиевски, на функцијата беше поставен во декември минатата година, но за само пет месеци од неговата работа во претпријатието, Град Скопје соопшти оти му истекол мандатот и дека ќе биде избран нов на негово место.