Според законските обврски од посебниот закон и потпишаниот договор со американско- турскиот конзорциум, како и согласно владината програма, се вели во соопштението, овие средства се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на „Бехтел и Енка“ пред да се почне со градежните активности на трасите
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска ги повтори тврдењата дека исплатите, освен за аванс за подготвителните работи, се и за пенали затоа што не се донесени измените на Законот за работни односи
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) денеска преку писмено соопштение информираше дека е извршен првиот трансфер на сметката на претпријатието на средства наменети за изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Откако премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми, вчера ги оставија медиумите, а со тоа и јавноста без конкретен одговор за износот на средствата, од ЈПДП денеска информираа дека станува збор за сума од 7 255 000 денари или 117 милиони евра.
„Согласно програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот коридор 8 и коридор 10-д за 2023 година, донесена на седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 23 март годинава, како и по нејзиното објавување во ‘Службен весник’, извршен е првиот трансфер на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) наменет за реализацијата на овој најголем инфраструктурен проект во историјата на државата. Исплатени се средства кон ЈПДП во висина од 7 254 000 000 денари или 117 000 000 евра“,
се наведува во соопштението од Јавното претпријатие.
Според законските обврски од посебниот закон и потпишаниот договор со американско- турскиот конзорциум, како и согласно владината програма, се вели во соопштението, овие средства се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на „Бехтел и Енка“ пред да се почне со градежните активности на трасите:
• Делница 1 – автопат Тетово – Гостивар, со очекувана должина од околу 17,5 километри.
• Делница 2 – автопат Гостивар – Букојчани, со очекувана должина од околу 30,3 километри.
• Делница 3 – автопат Требениште – Струга – Ќафасан, со очекувана должина од околу 17,5 километри.
• Делница 4 – автопат Прилеп – Битола, со очекувана должина од околу 39,3 километри.
Како што информираат од ЈПДП, во периодот што следува ќе се реализираат и подготвителните работи како што снимањето на локациите , подготовката на урбанистичките проекти, на основните проекти, а чија е цел е започнување на постапките за експропријација и проектирање.
„Како период за завршување на работите за сите четири делници е предвиден месец декември 2027 година. Односно, градежните работи на сите овие патни правци треба да завршат за период од 57 месеци“,
велат од ЈПДП.
Оттаму повторуваат дека коридорите 8 и 10-д се најголемиот стратегиски инфраструктурен проект од национален интерес за државата.
„Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. Со овој Договор се предвидува да се изградат околу 110 километри автопатишта во следните 4,7 години или по 23 километри автопат годишно. Со нивната изградбата се отвораат нови 8 000 работни места, а проценката е дека ќе имаме раст на БДП за 2 отсто годишно во наредните 5 години. Со изградбата на овие автопати, конечно, се завршува мрежата на патните европски коридори – 8 и 10-д низ Република Северна Македонија“,
велат од Претпријатието.
ЈПДП: Бевме максимално транспаренти
Во дописот до медиумите од ЈПДП велат дека во врска со целокупниот проект за изградба на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, заради интерес на јавноста, Јавното претпријатие било максимално транспарентно и го ставило на увид на јавноста секој сегмент од спроведувањето на законските обврски, протоколи и сите неопходни процедури.
Оттаму порачуваат дека поддршката од пошироката јавност за овој историски проект е од исклучителна важност.
„Затоа, ЈПДП и понатаму детално, навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за сите фази и детали околу изградбата на најзначајниот инфраструктурен проект во нашата земја“,
се наведува во соопштението.
Инаку, изминатите денови владини претставници, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за транспорт и врски, како и првиот вицепремиер Артан Груби, кој од Владата е назначен и за координатор на проектот, тврдеа дека секој денар ќе биде јавно објавен и јавно видлив преку системот „Отворени финансии“. Меѓутоа, таму го нема Јавното претпријатие за државни патишта.
„Како ќе се објават исплатите/трансакциите ако се има предвид дека Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) не е дел од ’Отворени финансии‘?“, гласи прашањето што „360 степени“ го упати до владината прес-служба на 24 април.
Досега одговор од Владата не добивме.
Дека е извршена трансакцијата кон ЈПДП првичните информации вчера стигнаа од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека освен авансите за подготвителните работи државата ќе исплаќа и пенали затоа што до 22 април Собранието не ги донесе измените на Законот за работни односи за продолжување на работните часови на работниците кои ќе бидат ангажирани на изградбата на коридорите.
За ова тој говореше и денеска одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Босилово.
Како што кажа денеска Мицкоски повикувајќи се информациите што ги имаат, исплатите кон „Бехтел и Енка“ ќе се вршат во два дела, од кои вториот дел е за пенали поради тоа што не е променет Законот за работни односи.
Мицкоски: Исплатите кон „Бехтел и Енка“ ќе бидат огромни
„Таа сума што треба да се плати е минимум 53 милиони евра. Тие треба да се платат во рок од две недели откако ќе изминат тие 45 дена предвидени да се смени законот за работни односи и да се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, а тој ден истекува на 6 мај. Од информации со кои располагаме има натегање помеѓу Владата и фирмата изведувач околу банкарската гаранција кога ќе се договорат да бидат исплатени дополнителни 50 милиони евра по основа на авансно плаќање предвидено во тој договор. Таа бројка за недела дена ќе биде огромна, повеќе од 220-230 милиони евра, а сè уште од проектот нема ни шајка некој заковано“,
рече Мицкоски.
Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, како што беше презентирано од Владата, треба да чини околу 1,3 милијарда евра. Тие пресметки, како што потврди министерот Бочварски на еден од брифинзите со новинарите, се под услов власта да овозможи зголемување на работната недела за работниците ангажирани во изградбата. За тоа да го направи, пак, во Собранието беа предложени измени на Законот за работни односи, кои се заглавени во собранието.
Поврзани вести: