Врз основа на добиени сознанија и преземените дејства на Обвинителството, обвинетиот Сашо Мијалков попладнево се јави во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција каде што му е врачено решението за домашен притвор, изјави државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за МИА.
Тој додаде дека по врачувањето на решението за домашен притвор обвинетиот ќе биде спроведен на извршување на мерката.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој од неделата беше недостапен за органите на прогонот, попладнево се појави пред Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, за, како што изјави, да го подигне решението за куќен притвор што му го одреди Кривичниот суд.
Мијалков рече дека дека не избегал, туку во текот на вчерашниот ден бил во изолација поради здравствени причини. Имал висока температура и симптоми на коронавирус, а за ситуацијата што настанала околу него дознал утрово.
Поранешниот директор на сега згаснатата УБК е обвинет во случајот Таргет-Тврдина, за кој пресуда треба да биде изречена в петок.