Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, во интервју за РСЕ, вели дека за разлика од претходно, сега во Јавното обвинителство има отворени предмети за носители на актуелната власт, за висок функционер во Владата, за државен секретар во едно од министерствата, како и за обвинители и судии. Оценката на Јовески е дека Обвинителството не постапува селективно, туку се држи до рамките на законот и неселективната правда.
„Не е занемарлив податокот за скокот од 24 места во однос на индексот за перцепција на корупцијата. Тука само да дополнам дека и во извештајот на Стејт департментот на САД се нотира зголемената борба против организираниот криминал и корупцијата, а исто така тоа е заклучокот и во извештајот на Европската унија. Ако се имаат предвид овие податоци, овие оценки во овие извештаи, ќе се види дека има напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал во Република Северна Македонија, но мора да се биде искрен и да се признае дека во овие извештаи се нотираат и определени дејствија или активности што треба да ги преземе државата и особено кога зборуваме за надлежноста на Јавното обвинителство. Јас повеќепати истакнувам дека за разлика од поранешниот период сега во Јавното обвинителство ние имаме отворени предмети за носители на актуелната власт“,
вели Јовески.
Во интервјуто, Јовески говори и за истрагата за „Беса транс“, велејќи дека сопственикот на компанијата Беким Хаџиу е достапен на Обвинителството и дека тој сака да соработува со надлежните органи во делот на утврдување на причините и околностите кои доведоа до оваа сообраќајна несреќа. Претходно, Бугарската национална истражна служба утврди дека за автобуската несреќа во Бугарија одговорен е возачот на „Беса транс“ бидејќи возел со брзина над дозволената.
„Има неколку можности семејствата на сега загинатите патници да можат врз основа на оваа одлука да поднесат жалба до Обвинителството на Република Бугарија. Имаат право да ги разгледаат списите во конкретниот предмет. Исто така им стои на располагање и можност пред надлежните органи на Република Бугарија да поднесат граѓанска тужба за надоместување на штета. Ние се уште ја немаме добиено замолницата од надлежните органи на Република Бугарија, но усмено сум известен дека имаат упатено замолница до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да ги сослуша застапниците на сега покојните патници дали сакаат да извршат увид во конкретниот предмет и дали евентуално сакаат да поднесат жалби на одлуката на Обвинителството во Бугарија“,
изјави Јовески.