Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за телевизија Канал 5 вели дека будно ги следи информациите околу наредбата на Јанева за форензичкото бришење на компјутерите во СЈО. Сепак, Обвинителството досега не презема никаква конкретна акција.
„Обвинителството будно го следи овој настан, како што сами споменавте во прашањето. Од една страна доаѓаат информации дека се врши форензичко бришење на определени компјутери во СЈО, но оттаму уследи и еден демант и како што е познато ние имаме оформен предмет во делот на истрага за овие две кривични дела и доколку обвинителството дојде до цврсти сознанија дека навистина се бришат определени податоци во тој дел ќе преземе соодветни мерки согласно закон“,
вели Јовески во интервју за Канал 5.
И ТВ Алсат денеска не доби одговор од обвинителката Русковска дали по допрен глас ќе преземат активности за да ги проверат наводите за постоењето наредба за форензичко бришење на податоците од компјутерите, дадена од нејзината колешка од Специјалното обвинителство, Катица Јанева.
„360 степени“ викендов објави дека Катица Јанева дала усна наредба и веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе „форензичкото бишење“. Постапката требало да ги опфати сите компјутери во ова обвинителство, а ваква наредба вработените добиваат првпат од постоењето на СЈО. Барањето за бришење на компјутерите се случува во период кога Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води истрага во случајот „Рекет“ во кој засега не е осомничена, но е имплицирана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Иако постапката на „форензичко бришење“ нема да ги загрози документите што постојат во компјутерскиот систем на СЈО, сепак, неповратно ќе ги избришела податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено. Пред да се објави веста, од „360 степени“ побара официјален став и до СЈО, но наместо одговор, добивме демант, шест часа по објавување на информацијата.
Во обраќањето на уредникот на „360 Степени“, стои дека веста е всушност гласот на вработени во СЈО, кои „изгорени“ од настаните, сакаа да ја алармираат јавноста, но и институциите, за најавена постапка (на „форензичко бришење“ на компјутерите) со можни далекусежни последици.
Денеска премиерот Зоран Заев одби да одговори на новинарско прашање – дали со обидот за форензичко бришење на компјутерите во СЈО се влијае на истрагата за „Рекет“, за која тој претходно порача дека мора да се откријат сите инволвирани. Заев за тоа дознал од медуите, но вели дека институциите треба да одговорат и за овој настан.