Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, се сретна со членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Средбата, како што соопштија од Обвинителството, е во рамки на активностите на националниот фронт за борба против корупцијата.
„На средбата, во рамките на активностите за зајакнување на националниот фронт за борба против корупцијата, двете институции ги разгледаа можностите за дополнително унапредување на меѓусебната соработка. Притоа, Јовески оцени дека по потпишувањето на двостраниот меморандум за соработка значително е подобрена соработката со Државната комисија за спречување на корупцијата, иако секогаш постои простор директната размена на информации и мислења за конкретни предмети дополнително да се олеснува“,
соопшти Обвинителството.
Јовески, како што се наведува во соопштението, ги презентирал активностите што ги планира Јавното обвинителство во следниот период и состојбите и предизвиците со кои се соочува обвинителството во рамките на своето постапување.
Иницијативата за формирање Национален фронт за борба против корупцијата беше најавена од Обвинителството како една од мерките за поголема ажурност во постапувањето на оваа институција.
„Во рамките на своите надлежности како орган кој раководи со истражната постапка, Јавното обвинителство ќе им даде конкретни насоки на останатите институции од правосудната полиција за динамизирање на нивните постапки, ќе инсистира на соработка и ќе побара сите други институции да одговорат со максимални напори и вложувања во борбата против криминалот“
беше наведено во соопштението од 11 јули 2023 год.
Мерките на Обвинителството следуваат по спроведената контрола во над 30 предмети кои се водат за струшкиот градоначалник Рамис Мерко, кој американскиот Стејт департмент го стави на црна листа поради вмешаност во корупција и вмешаност во судски процеси.
