Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска соопшти дека во градот има три новозаразени со коронавирус и двајца новооздравени, притоа негирајќи дека има нови жаришта на зараза, како што се шпекулира, во ромската населба Тризла.
„Никој нема право да стигматизира и да дискриминира една етничка заедница, дека токму тие се најпогодени од коронавирусот, во случајов Ромите од населбата Тризла. Сакам да потенцирам дека од болеста подеднакво се погодени граѓаните од сите етнички заедници: и Македонци, и Роми, и Турци, и останатите“,
рече Јованоски на денешната прес-конференција.
Врз основа на податоците од општинскиот кризен штаб, тој соопшти дека во изминатото деноноќие се регистрирани три нови случаи на заразени со коронавирус и два оздравени. Во моментов на инфективното одделение во градската болница се хоспитализирани 21 пациент, од нив позитивни се 16, а за пет се чека резултат од брисот. Триесет и шест граѓани се на домашно лекување.
Вкупно, од почетокот на пандемијата, 193 жители на Прилеп се заразиле со коронавирусот, од нив 63 се активни случаи, а се оздравени 118 лица и има 12 смртни случаи. Вкупната бројка на извршени тестови досега е 906.
Седум кластери
Претходно и епидемиологот од прилепскиот Центар за јавно здравје, Татијана Мургоска Станимировиќ, демантираше дека прилепската населба Тризла во која, главно има ромско население, е ново жариште.
Информира дека има седум кластери кои се следат. Од 1 мај има седум заболени лица кои живеат во населбата Тризла. Пет заболени се од две фамилии, а останатите се од други семејства. Од сите заболени, само едно лице е од кластер од една фабрика.
Таа истакна дека сите контакти се изолирани и се следат.
Според неа, во Прилеп врвот на епидемијата бил од 17 до 24 април.
