Мајката на Ивана сведочеше дека ќерка ѝ морала да даде отказ од едно од работните места, зашто Јовановски тврдел дека имала љубовна врска со колега. Сведочеше и дека една вечер Катја заѕвонила на вратата на соседите велејќи „Дојдете, тато ќе ја убие мама“
Беше нонстоп на телефон, Стојанче ја прашуваше каде е, таа одговараше дека e кај нас, нејзините родители. Кога требаше Катја да оди на роденден, Ивана ќе ме замолеше мене јас да ја носам внука ми, оти се плашеше од сопругот – сведочеше мајката на Ивана, Љубица Стојановска, на денешното рочиште од судскиот процес против Стојанче Јовановски, кој е обвинет дека ја навел својата сопруга да си го одземе животот.
„Велеше ‘мамо, можеш ли ти да ја носиш, јас се плашам’. Веројатно од љубомора, оти таму имаше други родители“,
рече Стојановска.

Прашана од обвинителката во какви однос била Ивана со мајката на Стојанче, Цветанка, сведокот рече оти секогаш ѝ кажувала на ќерка си да оди да ги посетува оти и тие се дедо и баба.
„Мајката на Стојанче знаеше да ја однесе во болница кога ќе добиеше некој бокс. Знаеше пред да оди на работа да дојде да ме земе и да нè донесе со Катја до пред училиште. Сакам да кажам дека Ивана и мајката на Стојанче имале некој добар однос”,
рече таа.
Прашана дали Ивана и Катја преспивале кај мајката на Стојанче, таа рече дека последен пат преспале во февруари. Тоа било една недела пред да се случи трагедијата на 2 март. Тогаш ја слушнале Катја како им раскажува дека обвинетиот Јовановски кажал:. „Имате ли вие памет што одите кај тие к**ви“.
Обвинетиот, според Стојановска, кога го кажал тоа, мислел на неа и на својата мајка Цветанка.
Одговарајќи на прашања на обвинителката, Стојановска раскажа кога Ивана била хиспитализирана во Ургентниот центар. Рече дека тоа било по 14 јануари, кога кршеле лепче со паричка.
„Јас стигнав пред Ургентен, пред таму да стигнат Цветанка и Ивана, а со нив беше и Катја. Ивана имаше болки во стомакот и нагон за повраќање, но јас како мајка која работела 35 години на ортопедија, барав да ја прегледаат целосно. Ја прегледаа на гастро, а потоа од рендген-снимките ѝ рекоа дека има темпирана бомба во стомакот. Ја пратија и на гинекологија, но таму рекоа дека сè е во ред. Направивме и крвни анализи што покажаа дека има наоди кои укажуваат дека нешто не е во ред. Ја примија околу 1 часот по полноќ и почна да прима терапија на Клиниката за дигестивни болести. Одев секој ден за да ја видам“,
рече сведокот.
Прашана дали кога правеле испитувања ѝ кажале од што се болките, лекарите им рекле дека се од удар.
„Од удар се прави хематом внатре, кој кога ќе почне да се разградува, може да има потреба од хируршка интервенција”,
рече Стојановска.
Катја тие денови била кај тетка ѝ, сестрата на Стојанче, која исто така се вика Ивана.

Мајката потоа раскажа како дознала дека Јовановски ја турнал Ивана по скали во во болницата.
„Со сестра ми отидов во болница и тогаш дознав дека ја турнал по скали. Тогаш дојде полиција и ни кажа дека Стојанче бил на посета кај Ивана, се расправале, сакал да ѝ ги земе телефоните, за да види со кого комуницирала додека била во болница. Тоа го видел болничар кој се стрчал да ја кренат Ивана и веднаш се организирале да ѝ направат компјутерска томографија на главата. Катја на болничарите им кажала дека претходниот ден јадела само ѓевреци што ѝ ги купила баба ѝ, како и дека татко ѝ ја заклучил во станот и отишол да вежба”,
рече Стојановска.
Додека лекарите биле зафатени со Ивана, Стојанче ја зел Катја и го снемало. Биле повикани и од Центарот за социјална заштита, а Ивана била преплашена и само прашувала каде е Катја. И покрај здравствената состојба, Ивана инсистирала да си замине од болница. Во своето сведочење, Стојановска рече дека нејзиниот сопруг (таткото на Ивана) пред да почине, се посомневал дека неговиот зет користи дрога.
„Сметаше дека има чуден стаклест поглед и прашуваше дали користи нешто. Ивана велеше дека нема такво нешто“,
раскажа сведокот.
Потоа, како што кажа, од медиумите во декември пред Нова година дознала дека нејзиниот зет е приведен поради поседување дрога. Одговарајќи на прашања на обвинителката, Стојановска кажа дека Јовановски насилнички се однесувал и кон неговата мајка Цветанка и ја тепал.
„Ја тепал, и таа го пријавувала во полиција. Ја обвинувал дека е неморална“,
рече сведокот.
Таа раскажа и дека Ивана морала да даде отказ од едно од работните места зашто Јовановски тврдел дека имала љубовна врска со колега. Сведочеше и дека една вечер Катја заѕвонила на вратата од едни од соседите викајќи „Дојдете, тато ќе ја убие мама“.
Кога мајката на Ивана дошла во станот таа вечер, таму била и полицијата. Еден од полицајците ја распрашувал за Јовановски, а кога слушнал дека тој е пожарникар и дека едно време работел во Противпоржарната станица во Автокоманда, каде што работел и неговиот татко, му се јавил на родителот за да го праша за Јовановски.
По телефонскиот разговор со татко си, ѝ се обратил на Стојановска велејќи:
„Од тоа што го слушнав за вашиот зет ми се крена косата на главата“,
рече таа.
Стојановска одговараше и на вкрстени прашања од обвинетиот Јовановски. Тој ја праша дали знае дека Ивана и Мартин Саздов биле во љубовна врска, на што сведокот кажа дека немала таков впечаток и оти Саздов бил само од помош.
