На функцијата генерален секретар на СДСМ останува Александар Саша Димитријевиќ, а Љупчо Фармаковски како и досега ќе ја извршува функцијата организациски секретар
Поранешната министерка за труд и социјална политика и актуелна пратеничка од СДСМ, Јована Тренчевска, е нова потпретседателка на Социјалдемократскиот сојуз. Покрај неа, за потпретседател на партијата на денешната седница на Централниот одбор на СДСМ е избран Александар Трајановски.
За ова вечерва на прес-конференција информира лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако на седница на Централниот одбор беше избрано новото раководство на партијата.

На функцијата генерален секретар на СДСМ останува Александар Саша Димитријевиќ, а Љупчо Фармаковски како и досега ќе ја извршува функцијата организациски секретар на партијата.
„Членови на Извршниот одбор, пак, се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, што е одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Еден дел од членовите на ИО се Дејан Николовски, Јон Фрчковски, кој е актуелен директор на Центарот за аналитика во партијата, досегашните членови Симона Цветановка, Рената Младеновска, Петар Огненовиќ е нов член, Андреј Жерновски. Другите имиња на членовите на ИО ќе ги споделиме непосредно по оваа прес-конференција“,
изјави вечерва Филипче во партиското седиште на СДСМ.
Овој тим, како што рече лидерот на СДСМ, влегува во храбра и одлучна борба против ненародната, криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН.
„Но, не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти – ја шириме нашата платформа, повикуваме многу независни граѓански организации, независни поединци и интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога и во тој дел, да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики поради тоа што нашиот фронт кој го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте затоа што се спремаме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните“,
изјави Филипче.
