Вршителката на должноста претседател на Бугарија ова го изјави по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на која нагласила дека Софија и европските институции имаат идентичен став кога станува збор за условите што С Македонија треба да ги исполни на својот евроинтегративен пат
Јотова наведе оти се надева дека до јуни, кога ќе се одржи следниот самит на ЕУ за Западен Балкан, ќе се најде решение за прашањето со Северна Македонија, доколку, како што рече, земјата сè уште сака да се приклучи на Унијата
Сè додека нема промена на Уставот на Република Северна Македонија и внесување на Бугарите во него, не може да има никакво придвижување и напредок на земјата кон членство во Европската Унија, вели вршителката на должноста претседател на Бугарија, Илијана Јотова.
Според неа, тоа не е само барање на Софија, туку одамна е и политика на Европската Унија.

Изјавата Јотова ја даде по нејзината средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со кого денеска, исто така се сретна и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, а во рамките на Минхенската безбедносна конференција.
Информирајќи за средбата со Кошта, таа рече дека во нејзиниот фокус биле прашањата поврзани со проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан, особено оние кои се однесуваат на евроинтегративниот пат на С Македонија.
Во таа насока, Јотова рече дека постои загриженост во Софија поради информациите дека властите во Македонија се обидуваат да изнајдат алтернативен пат, односно, како што вели, да излобираат меѓу европските земји Скопје да го заобиколи првиот кластер од пристапните преговори, кој се однесува на фундаменталните вредности и од кој дел се прашањата за човековите права.
„Ние, се разбира, слушаме доста загрижувачки сигнали за тоа дека раководството на Република Северна Македонија се обидува да најде друго лоби за да го заобиколи првиот кластер, кој е најважен, таму се човековите права т.н. фундаменталс, и се обидува да започне со другите поглавја, кои се веќе многу поконкретни“,
изјави вршителката на должноста претседател на Бугарија.
Според Јотова, не постои никаква шанса Бугарија да се согласи со таква промена.
„Нагласив дека имаме европска политика по ова прашање, имаме услови кои се исто така исти како и оние на европските институции. Додека нема промена во уставот на Република Северна Македонија и впишување на Бугарите таму, не може да има никакво придвижување“,
рече таа, пренесе БГНЕС.
Јотова наведе оти се надева дека до јуни, кога ќе се одржи следниот самит на ЕУ за Западен Балкан, ќе се најде решение за прашањето со Северна Македонија, доколку, како што рече, земјата сè уште сака да се приклучи на Унијата.
„Со г. Кошта на долго и на широко разговраваме за јуни месец кога ќе биде следната средба на врвот на ЕУ за Западен Балкан и до тогаш бугарските и напорите нашите европски партнери се дека треба да се најде некаква варијанта, ако, и тоа му го посочив неколку пати на г. Кошта, Република Северна Македонија сè уште сака да биде дел од Европската Унија“,
изјави Јотова.
За средбата со Кошта и искажаните позиции на Јотова вечерва преку кусо соопштение информираа и од нејзиниот кабинет.

Со Кошта во Минхен денеска се сретна и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој на социјалните мрежи напиша дека со претседателот на Европскиот совет имал отворен и искрен разговор за европската перспектива на Македонија.
Мицкоски соопшти дека на средбата јасно го пренел ставот дека Македонија останува постветена на европскиот пат, но и дека земјата заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања.
„Разговаравме отворено и искрено за европската перспектива на Македонија, за реформите кои ги спроведуваме и за предизвиците што стојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Јасно ја пренесов нашата позиција, Македонија останува посветена на европскиот пат. Но, исто така, Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европските вредности, а не на билатерални условувања“,
напиша премиерот Мицкоски на Фејсбук.
