На последната прес-конференција одржана на почетокот на октомври од страна на министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, новинар на „360 степени“ ја праша дали сè уште поседува бугарско државјанство. Таа повторно негираше
Лично ги видов документите и декларацијата за бугарското државјанство на министерката за енергетика на Северна Македонија, Сања Божиновска, каде што е наведено нејзиното бугарско потекло. Ова денеска, како што пренесува Бугарската телеграфска агенција (БТА), го изјави потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, коментирајќи го случајот на министерката Божиновска за нејзиното бугарско државјанство, за кое прво тврдеше дека го нема, за потоа да признае дека поседувала бугарски пасош и државјанство за кои побарала отпуст, процедура за која рече дека е финализирана.

„Јас ги видов нејзините документи и декларација потпишани лично од неа, во кои таа изјавила оти има бугарска самосвест и потекло“,
вели Јотова.
„360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска. А, за да се добие бугарско државјанство, барателот треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти и да ги наведе своите бугарски корени.
На нашето прашање, дали поседувала или дали во моментот поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, Божиновска во јуни негираше дека поседува бугарско државјанство.
„360 степени“ направи дополнителни проверки кои покажаа дека Сања Божиновска побарала отпуст од бугарското државјанство во втората половина на минатата година и дека процедурата сè уште не е завршена. Логично, тоа би значело дека Божиновска сè уште е државјанка на Република Бугарија.
На последната прес-конференција одржана на почетокот на октомври од страна на министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, новинар на „360 степени“ ја праша дали сè уште поседува бугарско државјанство. Таа повторно негираше.
„Јас поседувам македонско и чешко државјанство. Имам и македонски пасош и чешки пасош“,
рече таа.
Со оглед дека повторно децидно не одговори, ја прашавме дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.
„Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам“,
рече таа.