Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска во дебата во емисијата „360 Степени“ на Алсат зборуваше за првостепената пресуда за настаните од 27 април 2017 год. во Собранието.
– Уште во старт, Обвинителството згреши со обвинителниот акт, односно ги стави сите на куп и сите по Член 313, освен овие двајца што беа за помагање, наместо да ги подели по различни дејствија и различни улоги што ги имале во таа организација, со што ќе беа задоволени повеќе работи, меѓу другото и ова за што укажуваа невладините, и за должината на постапката и зачестеноста на судењата. Доколку беа поделени на различни постапки со различни кривични дела, тоа ќе беше третирано поинаку, и од аспект на амнестијата. Друго е ако пратениците ги ставите во една кривична постапка и потоа ги амнестирате, потоа остануваат само за тоа. А амнестијата кога се донесе влијаеше на чувството на неправедност на сите обвинети во постапката – рече Јошевска.
Таа рече дека во последните 17 лица останале и такви кои не требале да одговараат по ова кривично дело.
– Ќе го издвојам Владимир Трајковски којшто е лице кое никој од останатите обвинети речиси не го познаваа, на којшто сите му се потсмеваат и смеат додека трае судењето затоа што делува кловновски, затоа што нон стоп се зафркава со другите, дофрлува, и денеска на изрекувањето извика „Аирлија“. Тоа е лице кое некако несреќно е вклучено во овие, и доби казна од 15 години затвор за дејствија на насилство коишто самата судијка ги објаснува, дека со пп апарат прскал и дека удирал по пратениците. Тоа е различно како дејствие од терористичко загрозување на уставниот поредок. Не беше тргнат. Не беа тргнати до амнестијата и останатите -рече Јошевска.
Таа кажа дека грешката се направила во раната фаза и потенцираше дека не треба да се критикува само судот, бидејќи судот работи по обвинителен акт каков што му е даден. На прашање дали обвинителниот акт на некој начин го спаси Дурловски, таа рече дека можеби го спасил од друго кривично дело, бидејќи навистина бил учесник во таа толпа.
Напишете коментар