Македонските научници во Заедничката бугарско-македонска комисија за историјата ги политизираат научните проблеми, оценува Александар Јорданов, европратеник и поранешен амбасадор во Македонија, во врска со шестмесечниот прекин на работата на Комисијата која произлезе од Договорот за добрососедство.
Јорданов за БНТ оценува дека Комисијата не е заинтересирана за аргументите, фактите, туку од каде „дува“ политичкиот ветер.
„Сите тие слоеви што се создале во македонското општество низ годините, особено по 1944 година. Една лажна претстава за себеси, лажна претстава за историјата. Обид и тоа постојан обид за кражба на бугарска историја, на бугарскиот идентитет и култура, сето тоа сега се рефлектира врз однесувањето на македонската страна во Комисијата, која се обидува да им послужи на политички создадените идеологии и митологии околу сопственото битие, битието на државата Македонија“,
вели Јорданов.
Тој, исто така, смета дека не може да се утврди краен рок кога Комисијата би завршила со работа.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања привремено паузира поради претстојните избори во земјава.
Од македонскиот експертски тим објаснуваат дека привремената пауза за одржување формални средби била побарана на последната средба на Комисијата одржана во Софија на крајот на минатиот месец за да не се злоупотребува во дневно-политички и предизборни цели, во пресрет на изборите. Во меѓувреме, би продолжиле неформалните контакти и размена на мислења и забелешки за учебниците по историја и за заедничките чествувања.
Ангел Димитров за бугарската телевизија БНТ претходно изјави дека е неизвесно продолжувањето на работата на Комисијата.
„Еднострано беше прекината работата на Комисијата со образложение дека треба да се одржат предвремени избори за четири месеци. Тие практично одбиваат да се среќаваме и да разговараме. Останува отворено прашањето дали во мај ќе продолжи работата на Комисијата“, рече Димитров за БНТ.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој беше потпишан на 1 август 2017 година.
Комисијата досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев. Дополнително на ова, и Бугарската академија на науките (БАН) излезе со заклучок дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, што предизвика низа реакции.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Академик Фридман: Ова е бугарски јазичен империјализам – разликите меѓу двата јазика се на секое лингвистичко ниво
*поврзана вест: Напади од Бугарија врз академик Виктор Фридман по интервјуто за „360 степени“
*поврзана вест: Заев: Ќе реагираме на ставот на БАН за негирањето на македонскиот јазик
Во октомври минатата година, во координација со државниот врв, бугарскиот парламент усвои резолуција во која беа наведени серија услови за С Македонија на патот кон ЕУ, вклучително и брз напредок за отворените прашања со кои се занимава заедничката комисија.