Шефот на кинеската дипломатија е во тридневна посета на Москва за да разговара за стратешката соработка, но тоа патување се одвива во сенка на неизвесноста во преговорите за прекинот на огнот во Украина и критиките упатени кон руското и украинското раководство од страна на американскиот претседател Доналд Трамп
Кина и Русија се пријатели засекогаш, непријатели никогаш, изјави денеска шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји за време на неговата посета на Москва, поздравувајќи ја нормализацијата на односите меѓу Русија и САД.

„Принципот пријатели засекогаш, непријатели никогаш служи како цврста правна основа за проширување на стратешката соработка на повисоко ниво“,
рече Ји во интервју за руските медиуми.
Шефот на кинеската дипломатија е во тридневна посета на Москва за да разговара за стратешката соработка, но тоа патување се одвива во сенка на неизвесноста во преговорите за прекинот на огнот во Украина и критиките упатени кон руското и украинското раководство од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во Москва, покрај неговиот колега Сергеј Лавров, Ванг се сретна и со рускиот претседател Владимир Путин.
Кинескиот министер рече дека сегашните глобални околности ги обврзуваат големите сили да дејствуваат како фактори на стабилност, па затоа е охрабрувачки што Русија и САД се обидуваат да ги подобрат своите односи.
„Тоа е добро за стабилизација на односите на моќ меѓу големите сили и поттикнува оптимизам во оваа разочарувачка меѓународна ситуација“,
рече Ванг Ји, цитиран од руските медиуми.
Шефот на кинеската дипломатија ги отфрли тврдењата дека Трамп се обидува да се зближи со Русија за да ја одврати од Кина и таквите идеи ги нарече повторување на застарено конфронтирачко и блоковско размислување.
Ји смета дека разговорите за прекинот на огнот во Украина веќе довеле до одредени резултати и дека тие треба да продолжат и покрај различните ставови и тешката ситуација на бојното поле.
„Чекорот кон мирот, иако не е многу голем, е конструктивен – вреди да се надградува“,
рече тој, заклучувајќи дека мирот е нешто за што треба напорно да се работи за да се постигне.