Тие со автомобил марка „Мерцедес“ со скопски таблички дошле до домот на осомничениот, го земале заедно со неговиот татко и итно се упатиле кон граничниот премин Табановце кон соседна Србија
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против две лица, маж и жена, кои му помогнале на 18-годишниот Саит Саитов да побегне од државата само неколку часа откако ја предизвика тешката сообраќајна несреќа во скопската населба Капиштец, во која животот го загуби 79-годишната Љуба Јаковлеска. Двајцата соизвршители се товарат за кривичното дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, казниво според член 365 од Кривичниот законик.

Според обвинителниот акт, настанот се случил на 9 јануари, веднаш по кобната несреќа на улицата „Народен фронт“. Додека траел увидот на местото каде се случи сообраќајната несреќа, тие со автомобил марка „Мерцедес“ со скопски регистарски таблички дошле до домот на осомничениот, го земале и заедно со неговиот татко итно се упатиле кон граничниот премин Табановце, каде непречено влегле во Република Србија каде ги оставиле бегалците. Откако ги оставиле во Србија, помагачите се вратиле во земјата истиот ден околу полноќ.
„Со оглед на тежината на делото и опасноста од попречување на правдата, јавниот обвинител до судот достави и предлог за продолжување на мерките за безбедност, притвор за обвинетиот маж и куќен притвор за обвинетата жена“
велат од Основното јавно обвинителство.
Инаку, главниот осомничен, Саит Саитов, сè уште е недостапен за органите на прогонот. По него е распишана меѓународна потерница од ОЈО Скопје поради сомнение за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на повредено лице.
Обвинителството најави дека истрагата продолжува со цел да се утврди евентуална одговорност и на други лица кои можеби биле дел од мрежата за криење на бегалецот.
За потсетување, сообраќајката во која учествуваше 18-годишниот Саитов се случи на 9 јануари во скопската населба Капиштец, кога со автомобил „фолскваген пасат“ во сопственост на својот татко, тој удри во 79-годишна жена и побегна од местото на несреќата. Уште истиот ден Саитов и неговиот татко со помош на уште две лица ја напуштиле државата.
Изнесувајќи детали за сообраќајката, од Основното јавно обвинителство Скопје претходно информираа дека 18-годишникот возел непрописно и без важечка возачка дозвола. Додека го возел „пасатот“ на татка си по улицата „Народен фронт“ во Скопје, непрописно се поместил во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента и се движел со неприспособена брзина по што удрил во пешакот Љуба Јаковлеска.
