Анкетата спроведена од Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) во рамките на проектот „Граѓаните против корупцијата“ открива дека во 2023 година од компаниите во приватниот сектор се барале пари, услуги и подароци најмногу од централна власт
Загрижувачки се податоците кои се темелат на одговори од 138 приватни македонски компании кои работат во 48 дејности, а во однос на искуството што го имале со корупција во земјава.
Анкетата спроведена од Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) во рамките на проектот „Граѓаните против корупцијата“, презентирана на прес-конференција од Зоран Јовановски од Комората, покажува дека и големите и средните и малите компании во одреден момент на работата се соочиле со корупција.
Во истражувањето спроведено во март годинава, за прашања поврзани со работата на компаниите во 2023 година, од 138 компании, високи 83,3% сметаат дека корупцијата е во топ три најголеми проблеми во државава.

На прашањето „Дали компаниите се соочиле со коруптивни барања од јавниот сектор во 2023 година?“, одговориле 83 компании од кои повеќе од половина (53%) одговориле потврдно на прашањето, додека 47% од нив рекле дека не се соочиле со такви барања.
Прашани на кое ниво во јавниот сектор најчесто наишле на корупција, дури 78% одговориле дека тоа се случило при работа со централната власт, додека 22% при работа со локалната власт.
Од оние што се соочиле со коруптивни барања, најчестите одговори се дека тоа се случувало во постапка за добивање некакво одобрение или дозвола, но коруптивни барања компаниите искусиле и во ситуации на инспекциски надзор, царинска постапка или тендерска постапка. Забележително е што компаниите од приватниот сектор во одговорите навеле дека се соочиле со коруптивни барања и при даночна, судска, катастарска и други постапки. Единствено, ниту една компанија не се соочила со ваков проблем при постапките за ревизија и при јавнообвинителска постапка.

Од 53% компании кои се соочиле со коруптивни барања, дури 61% такво искуство имале помеѓу два до петпати, а 20% само еднаш. Најчесто биле побарани пари, подароци и услуги, но има и неколку примери со барања за нечие вработување или унапредување, како и барања за донација во политичка партија. Она што може да се потенцира е дека при начинот на побарување преовладува индиректниот начин, односно им било дадено до знаење дека од нив се очекува одреден возврат.
Анализирајќи колкави средства биле побарани од компаниите во приватниот сектор кои се соочиле со корупција, кај 51,2% биле побарани од 1 000 до 10 000 евра, но пет компании на прашалникот одговориле дека се соочиле со барања за повеќе од 100 000 евра. Кога се во прашање јавните тендери, најчесто се барало 6-10% од вкупниот износ на тендерот.

А како компаниите одговориле на коруптивните барања. Дури 31 од вкупно 51 одговор покажуваат дека компаниите не презеле ништо, а во шест одговори било потврдено „нормално е нешто да се даде“. Само четири одговори од вкупно 51 се однесуваат на тоа дека по барање за корупција било пријавено кај претпоставениот во јавниот сектор.
Со оглед на тоа што прашалникот во најголем дел го одговарале раководните лица, односно менаџментот на компаниите, може да се заклучи дека тие не веруваат дека нивните пријави за корупција би имале ефект но често се плашат и од негативни последици по својот бизнис.
Како што информира Јовановски, од компаниите било побарано да споделат информации и мислења од секторот во којшто работат, па во голем дел заклучоците се поклопуваат, односно пари, услуга и подароци биле најчестите коруптивни барања во ситуации кога биле потребни дозволи, одобренија, тендерски постапки, царински постапки итн.
Од компаниите било побарано да дадат свое мислење зошто мислат дека корупцијата е присутна во државата, а од одговорите може да се заклучи дека има повеќе причини: поради неефикасноста на судскиот систем, поради тоа што поединци од власта сакаат брзо да се збогатат, поради тоа што не се применуваат законите и затоа што владее морална криза во оваа земја. Голем дел од компаниите сметаат дека нема ефикасна заштита за пријавувачите на корупција, како и тоа дека законската регулатива во борбата против корупцијата е слаба.
„Корупцијата е канцер на општеството и го кородира одвнатре. Но, многу луѓе не разбираат колку е голема штетата од корупцијата и дека таа ги погодува сите, затоа што парите од поткупот завршуваат во приватни џебови наместо во буџетот во државата и потоа државата нема пари за да им обезбеди квалитетни услуги на граѓаните, во образованието, во здравството итн“,
рече Јовановски.
Тој најави дека во наредните 12 месеци, во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“ кој е поддржан од Американската агенција за меѓународен развој во Република Северна Македонија УСАИД, Комората ќе потпише меморандум за соработка со Антикорупциската комисија и ќе реализира обуки и работилници за компании и медиумски работници за дополнително воспоставување механизам за заедничка соработка и борба против корупцијата, а ќе биде изготвен и кодекс за етичко однесување.

Земајќи ги предвид заклучоците од анкетата, Јовановски сподели дека во Комората се задоволни со тоа што има индикација за поширока соработка со приватниот сектор и додаде дека охрабрува тоа што повеќето компании одбиваат да бидат дел од коруптивни дејствија.
„За некои компании може да трпи бизнисот меѓутоа тоа е веројатно цената што ја плаќаат затоа што не учествуваат во такво нешто и тоа во крајна линија е позитивна работа. Значи, вие прифаќате да ви трпи бизнисот за да не влезете во коруптивна активност. Тоа е тоа што ние би сакале да го поттикнеме. Борбата против корупцијата нема шанси да успее ако се води изолирано“,
порача Јовановски.