Центарот за граѓански комуникации објави нов извештај од мониторингот на јавните набавки за првата половина на 2020 година
Во првата половина на минатата година (јануари-јуни 2020) преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 15 % повеќе од истиот период претходната година, покажува Извештајот од мониторингот на јавните набавки на Центарот за граѓански комуникации.
Во анализата се посочуваат десет институции кои имале договори за јавни набавки со преговарање, но без оглас: МВР, Агенција за електронски комуникации, Генерален секретаријат на Владата, Министерство за здравство, МНР, Ургентен центар, Центар за ЈЗ Скопје, „Градски паркинг“…

„На секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда. Во 96 отсто од спроведените тендери за избор на најповолна понуда е користен критериумот ‘најниската цена‘ за избор, со што е задржан неповолниот тренд од претходната година“,
се вели во анализата.
Тоа доведува до заклучокот дека е оправдан сомнежот дека со толку големата примена на критериумот „најниска цена“ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства.

Понатаму, во дури 92 % од тендерите е користена електронската аукција со што, според анализата, се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки. Иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно, сепак, некои понудувачи доставуваат понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност.

Друга забелешка е што на локалните тендери се забележува непочитување на Законот за јавните набавки, особено во делот на образложение на потребата од набавката и на причините за неделивост.
Меѓу клучните наоди од мониторингот е и тоа дека институциите не се консултираат со бизнис-секторот за подобрување на тендерските документации, а со тоа и на самиот процес на јавните набавки.
Така, во мониторираниот период, спроведен е технички дијалог само за 1,4 % од тендерите, а и во овој симболичен процес на консултации се забележуваат пропусти.