Дебатата во собраниската Комисија за политички систем за новото законско решение за ЈО завршува денеска, по што предлог-законот треба да влезе во собраниска процедура
Предметите на СЈО не може да ги води основен јавен обвинител. Тие случаи треба да ги преземе Обвинителството за организиран криминал. Тоа е една од забелешките што беа изнесени на денешното продолжение на јавната расправа за новото законско решение за ЈО, која ја организира собраниската Комисија за политички систем.
Професорот од Правниот факултет во Скопје, Никола Тупанчевски, рече дека ако се сака да продолжат случаите на СЈО тоа не може да биде на начин како сега бидејќи, како што рече, има повреда на стварната надлежност. Тој вели дека не може јавен обвинител во основно обвинителство да ги води овие случаи туку обвинител од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Тупанчевски посочи и на други, како што рече, номотехнички пропусти во текстот на новиот предлог-закон за ЈО, посебно во делот каде што се уредуваат надлежностите на Обвинителството за организиран криминал, и оцени дека со тоа се создава правна несигурност.
Според професорот Александар Климовски, работниот текст на законот е спротивен на Уставот, како и претходно законот за СЈО. Тој вели дека донесувањето на овој закон нема врска со евроинтеграцискиот процес и не е услов за добивање датум. Тоа прашање, според него, ќе биде отворено кога ќе почнат разговорите за поглавјето за правосудство.
Климовски упати и критики за повеќе членови кои, според него, упатуваат на нееднаков третман на јавните обвинители, посебно при изборот на обвинители. За изборот на обвинители рече и дека на тоа треба да имаат право и професори по право, особено на правосудни предмети и адвокати со долгогодишно искуство. Според него, законот не може да определува кој обвинител ќе ги води предметите.
Џабир Дерала од НВО „Цивил“ рече дека овој парламентарен состав ќе остане запаметен само по 27 април 2017 година ако до распуштањето не го донесе законот за ЈО. Опозицијата, како што оцени, сака уништување на „бомбите“ со законски одредби, но тоа не може да се случи.
Професорот Александар Даштевски ја поздрави дебатата и рече дека законот треба да се донесе со консензус, а не на сила. Тој смета дека со законот му се даваат преголеми надлежности на обвинителот што ќе раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција.