Кога дојде на власт во септември лани, Суга имаше поддршка од 70 проценти, за сега таа да падне на само 26
Јапонскиот премиер Јошихиде Суга изјави дека нема да се кандидира за лидер на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) на крајот на септември, што значи дека ќе ја напушти премиерската функција по само една година.
„Суга им соопшти на претставниците на владејачката партија дека нема да се кандидира за лидер на 29 септември“,
изјави за новинарите генералниот секретар на ЛДП, Тошихиро Никаи.
Суга беше критикуван и воедно доживеа голем пад на поддршката поради бавното спроведување на мерките против коронавирусот и одржувањето на Олимпијадата во Токио, и покрај загриженоста за јавното здравје.

Потегот на Суга да се повлече од премиерската функција, во голема мерка е политичка одлука, така што ЛДП може да има нов лидер пред изборите подоцна кон крајот на годинава.
Мандатот на долниот дом на парламентот завршува на крајот на октомври, а изборите за новиот парламент мора да се одржат до крајот на ноември.
Суга ја презеде функцијата премиер кон средината на септември минатата година, кога неговиот претходник Шинѕо Абе поднесе оставка поради здравствени проблеми.
Суга имаше поддршка од дури 70 проценти на почетокот на својот мандат, бидејќи потекнува од „обично“ семејство, а не од традиционално политичко семејство како Абе.
Тој воведе серија прагматични мерки, вклучувајќи дигитална трансформација и административни реформи, но неговата јавна поддршка брзо опадна поради мерките за заштита од коронавирусот што се оценети како премногу бавни и недоволни за да се спречи ширењето на вирусот. Во најновите анкети, неговата поддршка падна на околу 26 проценти.