Водата потекнува од системите за ладење и атмосферските води кои имаа контакт со оштетената нуклеарна централа во Фукушима, која претрпе катастрофа по земјотресот и цунамито што ја погодија Јапонија во 2011 година
Државната компанија ТЕПЦО досега има складирано повеќе од 500 олимписки базени контаминирана вода, но мора да се ослободи од неа за да може да ја деконтаминира и целосно исклучи нуклеарната централа
Јапонија наскоро ќе почне со испуштање на третирана радиоактивна вода во океанот откако доби одобрение за таков чекор од агенцијата на Обединетите нации за надзор над атомската енергија (ИАТА). Планот, иако е одобрен од ОН, се смета за контроверзен во многу кругови а неговата реализација доаѓа 12 години по катастрофалната несреќа во нуклеарната централа во Фукушима.
На планот се работеше со години, а уште во 2019 година тогашниот министер за животна средина на Јапонија ќе изјави дека нема друга опција бидејќи снемува простор – каде да се чува контаминираниот материјал.
Рафаел Гроси, шеф на ИАЕА, пристигна во Јапонија вчера за да ја посети Фукушима и за да го презентира мислењето на ОН на премиерот Фумио Кишида. Но, дозволата од ОН не помага многу за да ги убеди луѓето кои живеат не само во Јапонија туку и во околните земји. Некои се сомневаат во наодите на ИАЕА, како на пример Кина, која неодамна изрази сомнеж дека проценката на планот „не е доказ за легалноста и легитимноста“ на испуштање на контаминирана вода во океанот. Веќе се одржаа протести и во Јапонија и во Јужна Кореја. На планот особено се противи риболовната индустрија.
Зошто се испушта контаминирана вода?
По земјотресот и цунамито кои ја предизвикаа нуклеарната катастрофа во Фукушима, енергетската компанија во државна сопственост ТЕПЦО изгради повеќе од 1 000 огромни резервоари за да во нив да ја задржи контаминираната вода со која се ладеше оштетената нуклеарна централа. Во моментов, таму е собрано доволно вода за да се наполнат повеќе од 500 олимписки базени. Но, снемува простор а компанијата вели дека изградбата на нови резервоари не е опција. Мора да се ослободи простор за да може безбедно да се затвори централата, што вклучува деконтаминација на постројките, расклопување на структурата и целосно исклучување на системите.
Кои се ризиците?
Радиоактивната контаминирана вода содржи опасни елементи, но најголемиот дел од нив може да бидат отстранети, тврди ТЕПЦО. Проблемот е во изотоп на хидрогенот кој е наречен радиоактивен тритиум, кој не може да биде отстранет. Едноставно, не постои таква технологија.

Но, јапонската влада и ОН велат дека водата ќе биде многу разредена и дека ќе испушта малку по малку, во текот на неколку децении. Тоа значи дека концетрациите на тритиум ќе бидат во границите на она што многу други земји го дозволуваат, а ќе биде во рамките и на меѓународните стандарди. Тритиумот го има и во природата, во дождот, во морињата па и во водата од чешма. Според шефот на ИАЕА, Гроси, испуштањето на водата ќе има „занемарливо радиолошко влијание на луѓето и животната средина“. Но не мислат сите така.
Канадската комисија за нуклеарна безбедност тврди дека тритиумот сам по себе е премногу слаб за да ја пробие кожата, но може да го зголеми ризикот од канцери ако се консумира во екстремно големи количини. Нуклерната регулаторна комисија на САД, пак, вели дека „какво било изложување на радијација може да претставува некаков ризик по здравјето“, иако додаваат дека секој е изложен на мали количини на тритиум во текот на денот.

Некои научници се загрижени дека разредувањето на водата и нејзиното испуштање испуштање ќе имаат значително влијание врз морската животна средина. Причината е едноставна – тритиумот може да помине низ синџирот за исхрана и да се концентрира во поголеми количини кај некои растенија, животни па и бактерии. Загриженоста е уште поголема ако се знае дека, на пример, синоопашестата туна пренесе радиоактивни изотопи од Фукушима, преку Тихиот океан, до Калифорнија.
Како ќе се испушта водата?
Прво, водата ќе минува низ филтрирање за да се отстранат сите можни штетни елементи. Потоа, ќе биде складирана во резервоари во кои ќе се мери уште колку радијација е останато во неа. Ќе биде третирана и по втор пат, ако нивоата се над очекуваното.

Потоа, водата ќе се раствора/разредува се додека процентот на тритиум не се спушти под дозволеното ниво. Таквата вода ќе се испушта низ крајбрежен тунел, под морето, во Тихиот океан. Испуштањето ќе набљудува ИАЕА и други трети страни.