Трамп ја пофали Санае Такаичи, која ја презеде функцијата премиер на Јапонија пред една недела и е првата жена на оваа функција во историјата на земјата, поздравувајќи го нејзиното ветување за забрзување на военото зајакнување и потпишување договори за трговија и ретки метали, а таа, пак, најави дека ќе го номинира за Нобелова награда за мир
Американскиот претседател Доналд Трамп и јапонската премиерка Санае Такаичи, потпишаа рамковен договор за обезбедување резерви со ретки минерали, објави денеска Белата куќа, а пренесува Ројтерс.
Договорот е потпишан за време на посетата на Трамп на Јапонија, како дел од неговата турнеја низ Азија, а со цел да се зајакнат синџирите на снабдување со материјали, клучни за обновливите извори на енергија, електрониката и автомобилската индустрија.

Според соопштението од Белата куќа, САД и Јапонија планираат заеднички инвестиции и употреба на економски инструменти за развој на диверзифициран и фер пазар за ретки минерали.
Американскиот претседател веќе обезбеди ветување за инвестиции во вредност од 550 милијарди долари од Токио во замена за намалување на високите увозни царини.
Трамп ја пофали Санае Такаичи, која ја презеде функцијата премиер на Јапонија пред една недела и е првата жена на оваа функција во историјата на земјата, поздравувајќи го нејзиното ветување за забрзување на военото зајакнување и потпишување договори за трговија и ретки метали, а таа, пак, најави дека ќе го номинира за Нобелова награда за мир.
„За толку кратко време, светот почна да ужива во повеќе мир“,
рече Такаичи.
Ова го потврди и портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, посочувајќи дека по нивната средба во Токио, јапонската премиерка соопшти оти ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мир.
За време на средбата, Трамп ѝ рече на Такаичи дека САД и Јапонија ќе имаат фантастичен однос.
„Отсекогаш сум имал големо почитување кон Јапонија и овој однос ќе биде посилен од кога било досега“,
кажа Трамп.
На средбата во палатата „Акасака“, на Трамп му беше подарена палка за голф што му припаѓаше на покојниот премиер Шинзо Абе, како симболичен потсетник на личното пријателство меѓу двајцата лидери.
PM Takaichi gifts President @realDonaldTrump a golf bag signed by Hideki Matsuyama and Prime Minister Abe’s putter ❤️⛳️ pic.twitter.com/YlaYnfr846
— Margo Martin (@MargoMartin47) October 28, 2025
Според анализите во американските медиуми, Такаичи, како близок соработник на Абе, со овие постапки се обидува да ги обнови односите со Вашингтон и да ја зајакне сопствената политичка позиција.
По ручекот со Такаичи, Трамп се сретна со роднините на јапонските државјани што беа киднапирани од Северна Кореја во 1960-тите и 1970-тите.
„Соединетите Американски Држави се со нив цело време“,
рече Трамп, повторувајќи дека е отворен за средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг ун за време на неговата посета на Азија.
