Од партијата додаваат дека во оваа фаза не е потребно ниту етички ниту правно основано да се коментира материјалната суштина на предметот, бидејќи таа постапка сè уште не е ни започната

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение за јавноста ги коментираше изјавите на поранешната министерка Гордана Јанкулоска во врска со нејзината апликација пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
СДСМ смета дека обидите на Јанкулоска да се претстави себеси како дел од „судените во Нирнбершките процеси“ се единствено и само потсвесни, од аспект на тоа што тие процеси биле насочени против нацистите и злосторниците од тогашната нацистичка Германија.
Во однос на апликацијата пред ЕСЧП, СДСМ истакнува дека станува збор за правен механизам што секој граѓанин има право да го искористи и оти формалното дозволување на апликацијата е само чекор кој претставува утврдување дека се исполнети процесните услови.
„Судот во оваа фаза утврдува исклучиво формални елементи: дали се исцрпени домашните правни лекови, дали постои статус на жртва, дали е почитуван рокот и дали апликацијата е компатибилна со Конвенцијата. Тоа е стандардна процедура, дефинирана во член 35 од Европската конвенција за човекови права“,
се вели во соопштението.
Од партијата додаваат дека во оваа фаза не е потребно, ниту етички, ниту правно основано да се коментира материјалната суштина на предметот, бидејќи таа постапка сè уште не е ни започната.
„Едно е јасно и останува длабоко врежано во сеќавањето на граѓаните: Гордана Јанкулоска, која денес се претставува како жртва, беше дел од системот што години наназад ги кршеше човековите права на секој граѓанин на оваа држава“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Партијата ја обвинува Јанкулоска дека како министерка овозможувала масовно прислушкување, изборен инженеринг, политичка репресија и брутална злоупотреба на институциите во корист на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.
СДСМ го повикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, „наместо да ја брани и да ја ретушира историјата“, конечно да се огради од „зулумите што тие 11 години ги правеа врз македонските граѓани“.
„Зашто македонската јавност не заборавa, жртви беа сите граѓани, а ‘апликантката’ која денес зборува за човекови права беше токму таа која ги газеше“, .
додаваат од СДСМ
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во интервју за МИА, вели дека судењето против неа за случајот „Тенк“ било фарса, споредувајќи го со Нирнбершките процеси и судењата за време на Информбирото.
Јанкулоска деновиве повторно се најде во фокусот на јавноста откако соопшти дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур отворил постапка по нејзината жалба за предметот „Тенк“.
Според она што беше објавено во дел од медиумите, Судот во Страбурз побарал информации од надлежните во земјава во врска со одредени аспекти од судскиот процес за набавката на блиндираниот „мерцедес“, поради сомнеж дека постојат индиции оти на Јанкулоска ѝ било прекршено правото на фер судење во Македонија.
Ексминистерката Јанкулоска за случајот „Тенк“, односно за набавката на блиндираниот „мерцедес“ од 600 000 евра за потребите на државата првостепено беше осудена во 2018 година, а четиригодишната затворска казна почна да ја издржува од септември 2020 година откако пресудата стана правосилна.
По три години и еден месец, таа на 1 ноември 2023 година излезе од затвор откако Апелацискиот суд во Скопје ја уважи нејзината молба за условен отпуст од натамошно издржување на затворската казна.
