Прашана за барањето за повлекување на текстот на законот, ресорната министерка вели дека станува збор за мала група професори кои, според неа, тоа го прават од страв дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите што законот ги бара за напредок во академските звања. Во тој контекст, таа упати и своевидна порака до нив. Кажа дека имаат две можности – едната да се фатат за работа, а другата да останат во исто звање подолго време
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека предлог-законот за високо образование, кој предизвикува поделени мислења кај стручната фела и критики од страна на опозицијата, е во финална фаза и за релативно краток период треба да се најде во владина постапка.

Одговарајќи на новинарски прашања за забелешките за дел од решенијата и дали ќе има дополнување на нацрт-текстот, министерката кажа дека многу од нив, за кои сметале дека се конструктивни, ќе бидат прифатени и веќе се внесуваат во самиот текст.
Другите забелешки, Јаневска смета дека не се оправдани, а како примери во таа насока ги спомена процесот на отчетност на универзитетите кон државата, односно ингеренциите на националниот совет.
Сепак, како што додаде таа, и тука биле направени минимални корекции.
„Тука ние не се согласуваме, и работната група за последен пат уште еднаш ќе се сретне и ќе донесе дефинитивна одлука, но многубројни корекции се направени и искрено се надевам дека сите ќе бидат задоволни“,
рече таа.
Прашана за барањето за повлекување на текстот на законот, ресорната министерка вели дека станува збор за мала група професори кои, според неа, тоа го прават од страв дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите што законот ги бара за напредок во академските звања.
Во тој контекст, таа упати и своевидна порака до нив. Кажа дека имаат две можности – едната да се фатат за работа, а другата да останат во исто звање подолго време.
„Имаат две можности. Како научници, како академски граѓани, како крајно високо ниво на свесност, луѓе кои имаат одговорност да создаваат стручен кадар, но и одговорен граѓанин, значи првата можност е сериозно да се фатат за работа, втората можност е да останат во истото звање подолго време, па потоа кога ќе бидат подготвени да одат во следното звање. Оттука ништо не губат, туку со одредено темпо побрзо или побавно да стигнат до целта“,
изјави Јаневска по обраќање на настан на кој беа презентирани резултатите од истражувањето „Анализа на финансиската писменост во основното образование“, спроведено од Бирото за развој на образованието.
Според Јаневска, во подготовка на законот бил вложен голем труд со најдобра намера да се подобри квалитетот во образованието и, доколку сега се направиме тоа што го бара, како што кажа, таа мала група професори, тоа би значело враќање чекор наназад.
Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, кој е и доцент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во интервју за „360 степени“ емитувано во понеделникот (9 март), рече дека предлог-законот за високо образование мора да претрпи корекции.
Според него, огромни се реакциите во фелата, а обвини и дека ресорната министерка Весна Јаневска сè тоа го гледа со некои розови очила и пробува да го балансира колку може.
Трајновски главно има забелешки на одредбите кои, според него, ја нарушуваат автономијата на универзитетите и обврската за објавување на трудови во списанија кои се индексирани во „Веб оф сајанс“ (Web of Science).
За него, дискриминација е и членот од нацрт-законот за високо образование со кој се пропишува кои се т.н. студии од јавен интерес што ќе може да се организираат само на јавни и јавно-приватни универзитети. Таму се вброени и студиите по медицина.
