Надлежните информираа дека ќе се доделуваат вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди. Јаневска претходно на Фејсбук објави дека 55 илјади студенти ќе добијат по 15 300 денари за набавка на електронски уред

Проектот за доделување вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди беше ветен и реализиран, а на совеста на студентите е како ќе постапуваат со нив, вели министерката за образование Весна Јаневска откако на социјалните мрежи се појавија огласи во кои студенти кои добиле ваучери, истите ги продаваат за, како што наведуваат, задоволување на други потреби.
„Проектот беше ветен. Ваучерите им беа ветени на студентите и вообичаено она што сме ветиле, ние и остваруваме. Има досетливи студенти кои на разноразни начини се обидуваат некако да си го олеснат животот. Ние со тоа не можеме да се справиме. Се справуваме со тоа што во образовниот систем внесуваме нови вредности, нови програми, нови теми за обработка и така натаму. Останува на нивната совест и свест да одлучат што ќе направат со ваучерите“,
одговори Јаневска на новинарско прашање за време на одбележувањето 70 години постоење на Државното средно училиште со ресурсен центар – „Партенија Зографски“ во Скопје.
Надлежните информираа дека ќе се доделуваат вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди. Јаневска претходно на Фејсбук објави дека 55 илјади студенти ќе добијат по 15 300 денари за набавка на електронски уред.
„Повикот е објавен и може да се аплицира преку порталот uslugi.gov.mk, најдоцна до 20.12.2025 година. Ги повикувам студентите да се пријават и да го остварат своето право“,
повика министерката.
