Таа најави дека Министерството за образование наскоро ќе објави нова драфт-верзија на концепцијата за гимназиско образование во насока на негово прилагодување со совремните текови во општеството

Универзитетите што ќе покажат најдобри резултати ќе добијат најмногу средства од државниот буџет, најавува министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа вели дека се бара начин универзитетите да добијат развојна компонента.
„Оние што ќе имаат најдобри резултати да добијат поголем буџет за разлика од оние кои нема да покажуваат резултати да добијат помал буџет годишно што го дава државата. Ќе се потрудиме да обезбедиме соодветен кадар според систематизацијата на факултетите, универзитетите, ќе ја зајакнеме контролата во приватните универзитети за кои сме свесни дека не продуцираат квалитетен кадар, ќе ги зголемиме студентските права, изборите на раководните функции во универзитетите ги демократизираме“,
рече Јаневска во вечерашното гостување во Топ тема на телевизија Телма.
Јаневска рече и дека Законот за високо образование, Законот за квалитет во високо образование и науката и Законот за научно истражување во ист момент ќе одат во собранието бидејќи се поврзани.
„Ќе има многу промени во овој закон, прво ќе поминеме на модуларни студиски програми и нема да имаме повеќе 1 400 студиски програми и факултети со одредени програми на кои се запишуваат двајца студенти. Една од мерките за покачување на квалитетот и за покачување погоре на Шангајската листа е заострување на критериумите за избор во звања од асистент до редовен професор со еден реизбор на редовните професори, што е новина, потоа зајакнати критериуми, повеќе трудови и повеќе импакт фактор“,
рече министерката.
Таа најави дека Министерството за образование наскоро ќе објави нова драфт-верзија на концепцијата за гимназиско образование во насока на негово прилагодување со совремните текови во општеството.
„Ќе имаме нова концепција за гимназиското образование, многу бргу ќе понудиме нова драфт- верзија и ќе ја ставиме на дискусија. Ако не биде до крај на годинава, ќе биде во јануари“,
рече Јаневска.
Истакна дека концептот треба да биде прифатен од мнозинството чинители во образованието за да се применува.
„Ќе имаме нова концепција, ќе се потрудиме да е максимално содветна на новото време и брзиот технолошки развој со дигитализација, вештачката интелигенција. Ја сменивме матурата, тоа што долги години беше барано средно стручната да се разликува од гимназиската и ќе се разликува од гимназиската. Добри чекори правиме за кои ќе очекуваме резултат по четири-пет години“,
рече Јаневска.
Истакнувајќи дека треба да се цени знаењето, а не дипломата, порача дека „наставниците треба да се вложат реално да ги оценуваат децата“.
Оцени и дека наставнициите се ранлива категорија и најави дека МОН во новиот закон за наставници ќе бара начин како да ги заштити за да не бидат, како што рече, подложни на влијание на која било власт, училишна, централна, локална, туку да бидат ценети и почитувани според своите компетенции.
„Наставниците главно се жалат на притисоци од родителите, има вмешување и од политиката, има и малку би рекла трговски однос меѓу родителите и наставниците, но генерално се родителите и односите во нашите традиционални средини кога луѓето сметаат дека треба да си помогнат“,
рече Јаневска.
Кај наставниците се спроведуават најразлични едукации и, како што посочи, може да има и за справување со притисоците.
