Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање денеска, беше децидна дека секој учебник што е побаран од Министерството е до последен обезбеден и оттука рече оти дека не ги прифаќа тврдењата дека учебници нема
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска рече оти учебници се испорачани во сите училишта што тоа го побарале, а онаму каде што недостасуваат, оти не биле навреме пријавени потребните тиражи, проблемот се решава на друг начин.

Одговарајќи на новинарско прашање Јаневска информира дека тие како Министерството побарале од издавачките куќи да им ги достават во ПДФ-формат учебниците што недостасуваат и оти во тек е нивно поставување на веб-страницата на Педагошката служба при МОН.
„Учебници има. Сè што побарале училиштата, сè е испорачано. На Министерството му е сосема сеедно дали ќе отпечати еден милион или еден милиони и двесте илјади учебници, затоа што имаме рамковна спогодба за печатење. Значи, тоа што е побарано е испорачано. Доколку имаат проблеми одредени училишта, ќе можат да го решат на тој начин што ние побаравме од компаниите, односно издавачките куќи да ги поставиме ПДФ-форматите на веб-страницата на Педагошката служба. Тие веќе ние ги доставуваат и ние веќе ги поставуваме учебниците како ПДФ-формати на веб-страницата на Педагошката служба“,
рече министерката за образование и наука одговарајќи на новинарско прашање како оди дистрибуцијата на учебниците онаму каде што недостасуваат, бидејќи родители сè уште се жалат дека нема одредени ученици во зависност од одделението.
Јаневска, дополнувајќи се во одговорот, уште еднаш беше децидна дека секој учебник што е побаран од Министерството е до обезбеден и оттука, додаде, не ги прифаќа тврдењата дека учебници нема.
Тоа дали учебниците се во подобра или полоша состојба, според министерката, зависело од комисијата што ги примала и од директорите на училиштата.
„И оттука натаму сметам дека ова прашање треба да биде затворено и во иднина да немаме вакви проблеми. Поставени се јасни правила, имаме јасен и прецизен закон, кој покажавме дека функционира, имаме упатства за работа, имаме правилник за работа, кои од следната година ќе мора да се почитуваат до последен детал“,
рече таа.
Одговарајќи на дополнително прашање дали тоа значи дека дистрибуцијата на учебници е завршена, Јаневска одговори потврдно, додавајќи дека останува да се решат прашањата во врска со два учебника, од кои еден е спорен, а другиот во процедура.
„Тие ќе бидат дистрибуирани тогаш кога ќе се реши ова. Сите други учебници се дистрибуирани“,
вели министерката за образование и наука.

На почетокот на новата учебна година Јаневска изјави дека системски е решен предизвикот со учебниците, кој се провлекуваше со години и дека веќе нема предмети во основното образование без учебници.
На крајот на претходната учебна година министерката најави дека сите искинати и неупотребливи учебници кои училиштата ќе ги пријават во електронскиот систем на Министерството ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година, 1 септември.
За оваа намена, како што кажа таа, се обезбедени соодветни буџетски средства, со цел да се избегне разочарување кај учениците и нивните родители, кои оправдано реагираат на состојбата со дел од учебниците.