Од идната година веќе кога масовно од 1 септември ќе го пуштиме во употреба новиот електронски дневник, односно надградената форма на електронскиот дневник предвидено е училиштата преку нивните системи да ги поврзат сите документи кои ќе им бидат потребни за да може да се запише ученикот, кажа Јаневска
Сите училишта се поврзани со електронскиот дневник и од следната година се очекува дека ќе може да се спроведе целосно електронски упис во средните училишта, вели министерката за образование Весна Јаневска. Според неа, досега се бараа дополнително документите во хартиена форма , бидејќи проблемот може да настане во недостаток на одредени документи, затоа што се аплицира единствено со оригинални документи.
„Оваа година електронски ќе се врши уписот, а потоа учениците треба да ги достават документите во хартиена форма затоа што сите училишта немаат пристап до електронската форма на пријавување и затоа што не сите и родители се уште се подготвени. Од идната година веќе кога масовно од 1 септември ќе го пуштиме во употреба новиот електронски дневник, односно надградената форма на електронскиот дневник предвидено е училиштата преку нивните системи да ги поврзат сите документи кои ќе им бидат потребни за да може да се запише ученикот“
кажа Јаневска.
Јаневска најави и дека од идната година нема да има потреба да се печатат свидетелствата, бидејќи за упис ќе може да се користат исклучиво во електронска форма.
„Од идната година нема да мораме да печатиме свидетелства, ќе заштедиме на хартија. Бирото го прави сега тоа, a од идната година ќе можат, бидејќи свидетелствата и не им се потребни до деветo одделение, им требаат при упис секако и да го знаат својот успех. Но бидејќи училиштата им ги бараат сите свидетелства, системот сам ќе си ги повлече во електронска форма. Доколку училиштето одлучи дека има потреба од свидетелства за да ги израдува децата на крај на година, ќе можат самите да ги печатат. Ние како држава не ќе мора да трошиме средства и хартија за тоа да го спроведеме“,
дополни Јаневска.

Јаневска нагласи дека направиле голем чекор во дигитализацијата. Посочи дека ги дигитализирале уписите, сместувањата во студентските домови, стипендиите, студентскиот оброк. Потенцира дека направиле телефонска апликација во која родителите можат да ги следат сите информации од е-дневникот.
На денешниот отчет за сработеното во една година од мандатот, министерката зборуваше за изградба на нови училишта, покачување плати за наставници и законски измени.
„Два процеси за кои лично многу се залагам од самиот почеток на мандатот се оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето на едносменска работа. И двата се одвиваат паралелно, а ќе овозможат поквалитетна настава, подолг престој на децата во училиште и поголема социјализација на учениците од рурални средини, заштеда на средства на долг рок и нивно ефективно реинвестирање, како и решавање на предизвикот со вишокот наставници“,
кажа министерката за образование и наука.