Во однос на привременото затворање на приватниот Факултет за бизнис економија во Скопје, министерката рече дека од 2022 година, кога се променила сопственоста на школата, почнале проблемите, а МОН констатирал бројни недостатоци во неговата работа
Се надевам дека дел од приватните високообразовни установи кои навистина не ги исполнуваат условите самите ќе пристапат кон затворање, ако не ние ќе ги затвориме – изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска еден ден откако МОН привремено го затвори приватниот Факултет за бизнис економија во Скопје.

Говорејќи за Факултетот за бизнис економија, кој постои од 2011 година, Јаневска рече дека функционирал релативно добро до 2022 година, кога се променила сопственоста на школата, по што почнале проблемите.
„МОН формира комисија и направи увид во оваа институција и утврдиме бројни неправилности – од кадар, од опременост, им дадовме еден месец рок да ги поправат тие неправилности, но бидејќи тие воопшто не изреагираа, а дополнително ги изгубија и просторните можности се обративме до Агенцијата за квалитет во високо образование која исто така потврди дека овој т.н. факултет е нефункционален и според законот ние вчера издадовме решение за привремен престанок на работа на оваа високообразовна установа“,
изјави Јаневска.
На прашањето дали има и други високообразовни установи каде што се утврдени неправилности, министерката рече дека постојат, но дека во периодот пред избори можностите за постапување се ограничени.
„Но, после изборите активно продолжуваме. Затворивме 14 приватни универзитети, а ова е првата високообразовна приватна установа која нема повеќе да работи. Јас се надевам дека по урнекот на приватните универзитети, бидејќи дел од нив кога видоа дека контролираме и почнуваме да ги затвораме и сами одлучија да се затворат, се надевам дека и дел од високообразовниве установи кои навистина не исполнуваат услови самите ќе пристапат кон затворање, ако не ние ќе ги затвориме“,
додаде министерката.
МОН вчера информира дека привремено е запрена работата на приватната висока стручна школа Факултет за бизнис економија Скопје поради констатирани нерегуларности и непостапување за нивно отстранување.