Министерката додава дека предлог-законот за средно образование, кој, меѓу другото, предвидуваше можност за интонирање на македонската химна во училиштата, ќе почека некоја недела за да биде усвоен, а дотогаш Владата и МОН како негови предлагачи ќе ја подобрат неговата содржина
Откако Владата денеска го повлече предлог-законот за средно образование од собраниска процедура, министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека тоа е сторено за да не се дозволи ДУИ да го закочи усвојувањето на новата правна регулатива во образованието, на која се работело во изминатиот период.
Вели дека нема да дозволи политички партии да добиваат поени и да си ги креваат рејтинзите преку игри во образованието и на штета на воспитно-образовниот процес.
„Користејќи националистички реторики, обвинуваат за создавање наводно некаква си меѓуетничка нерамноправност. Убаво ќе беше да си ја сакаат татковината, државата каде се образуваат, работат и земаат плата и да изразат почит кон нејзините симболи. Но, гледаме нешто друго… Заради остварување на партиски цели и програми, спремни се да го спречат развојот, јакнењето на основниот столб на државата – образованието. Со вакви потези, несвесно тие го уназадуваат и воспитно-образовниот процес на сите деца, независно на која етничка заедница припаѓаат. Но, очигледно тоа и не е така важно“,
пишува Јаневска во објава на Фејсбук.
Министерката додава дека предлог-законот за средно образование, кој, меѓу другото, предвидуваше можност за интонирање на македонската химна во училиштата, ќе почека некоја недела за да биде усвоен, а дотогаш Владата и МОН како негови предлагачи ќе ја подобрат неговата содржина.
На пратениците од ДУИ им порача оти Владата ќе продолжи да ги спроведува промените кои ги бара народот.
„Во меѓувреме, ќе продолжам да се заложувам за јакнење на меѓуетничките односи особено меѓу младите генерации во Македонија и на целосна интеграција на ова општество. За следната година веќе предвидовме повеќе средства за училишни активности кои ќе ги зближуваат младите од различните етнички генерации“,
додава Јаневска.
На нејзиниот коментар во врска со повлекување на предлог-законот од собраниска процедура, се надоврзаа од опозиската ДУИ. На Јаневска ѝ порачаа дека нивното негодување околу законот може да го толкува како наводно непочитување на државата, но дека сосема спротивно, тоа е поради љубовта кон државата.
„Се спротивставивме на овој закон за да ја заштитиме државата и мултиетничкиот карактер на нашата земја од поединци како вас, кои не веруваат во соживот и меѓусебна почит. Се грижиме за Албанците, за Македонците и за секој граѓанин на оваа земја, за да не станат жртва на вакви неодговорни пристапи и одлуки. Вашиот слеп ентузијазам кој изгледа како ‘моќна бура’ е непромислен и краткотраен, додека штетата што можете да ја предизвикате ќе биде долгорочна. Вашиот пристап, кој исклучува и создава тензии, претставува закана за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност“,
реагираат од ДУИ.
Владата со допис денеска го повлече предлог-законот за средно образование од собраниска процедура.