На Тетовскиот универзитет утврден е нелегален избор на двајца наставници, а нерегуларности има и на „Апостол Павле“ во Струга, вели министерката за образование, Весна Јаневска
Македонското образование заслужува оценка единица. На Тетовскиот универзитет утврден е нелегален избор на двајца наставници, а нерегуларности има и на „Апостол Павле“ во Струга, вели министерката за образование, Весна Јаневска во неделното интервју за РСЕ.
„Состојбата беше навистина многу лоша и единица би било соодветна оценка, ако треба да се оценува. Затекнавме огромни, огромни долгови кои сè уште ги исплаќаме и сè уште не можеме да се справиме со тоа, иако поминаа, речиси четири месеци. Но, покрај тоа, затекнавме состојби нерешени и напластувани со години. Немање на учебници, неподготвеност за 1 септември, неисплатени стипендии, значи комплетно запоставен студентски стандард, комплетно запоставен ученички стандард, започнати проекти и застанати во одреден подолг период без причина…“,
вели Јаневска.
Таа потенцира дека се уште не се завршени инспекциските надзори во универзитетите и високообразовните установи и вели, постојано се утврдуваат една по друга нерегуларност.
Како прмер го споменува нелегалниот избор на двајца наставници на Тетовскиот универзитет и додава:
„Тоа се повторно процеси коишто траат и кои сè уште се во фаза на анализа затоа што и Законот за просветна инспекција дава одредени насоки како треба да се работи. За некои пропусти се вели дека треба да се отстранат во одреден рок, потоа Државниот просветен инспекторат оди да провери дали се отстранети или не се. Повторно ја прави проверката, ако се отстранети следи нов извештај. Ако не се отстранети следат некакви пенали и во моментов за два случаи имаме т.н. порамнување кога универзитетот треба да плати казна“.