Министерката за образование и наука ги увери родителите дека процесот на употреба на вештачката интелигенција ќе биде строго контролиран
Од второто полугодие наставниците во секој предмет ќе ја применуваат и ќе ги учат учениците за вештачката интелигенција (ВИ), најави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања за примената на ВИ од почетокот на учебната година. Вели дека употребата на вештачката интелигенција ќе биде воведена во сите предмети, а од наставниците ќе зависи колку и какви алатки ќе се користат.

„Но, претходно образувајќи ги учениците што се предностите, што се негативностите од вештачката интелигенција. Значи, откако ќе се спроведат базичните информации и учениците ќе стекнат базични знаења ќе продолжиме со постепено воведување на вештачката интелигенција во сите предмети“,
изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“.
Министерката информира дека се почнати обуките за наставниците за употребата на ВИ во наставата, односно дека се обучува репрезентативен примерок на наставници од едно училиште, кои понатаму ќе треба да ја прошират мрежата за обучување на останатите колеги од училиштата.
„Обуките моментално почнуваат. Објавен е повикот на ‘Бреинстер’ за обуки на наставниците. Но, почнуваат и други обуки не само преку ‘Бреинстер’. Нема да воведеме и не можеме да ја воведеме нагло бидејќи ова е почеток. Но, ќе ја воведуваме постепено во сите училишта низ сите предмети и во училишната администрација“,
изјави министерката за образование и наука.
Јаневска ги увери родителите дека процесот на употреба на вештачката интелигенција ќе биде строго контролиран. Им заблагодари на професорите од Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ за изработката на прирачник за предностите и предизвиците со кои би се соочиле наставниците и учениците. Особен дел од прирачникот, како што рече, е посветен на етичкиот момент при употребата на ВИ од страна на учениците.