Министерката, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, додаде дека деновиве треба да биде донесена одлука кои студентски домови ќе бидат следни за реконструкција во рамките на планот за етапно реновирање на студентските домови во државата со цел да се добијат енергетски ефикасни објекти, што ќе придонесат за почиста животна средина, но и за заштеда на финансиски средства
Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува реконструкцијата на студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје да заврши кон крајот на оваа година, а сместувањето на студентите да почне од вториот семестар на учебната 2025/2026 година.

Реконструкцијата на овие два студентски домови почна лани, како дел од проектот за подобрување на енергетската ефикасност на објектите, што треба да обезбеди подобра одржливост и финансиски заштеди.
Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, министерката рече дека реконструкцијата на „Стив Наумов“ почнала со задоцнување поради состојбата што ја затекнале од претходно.
„Ќе треба да се почека до вториот семестар затоа што ‘Кузман’ се очекува да се заврши некаде во ноември. За жал, реконструкцијата на ‘Стив’ почна со задоцнување, но ние таа состојба ја затекнавме и моравме да ја решаваме. Откако ја решивме, повторно имаше технички работи, градот, општината, дозволи, маркица…, и откако го решивме тоа, веднаш почнаа со работа. Но, очекувам и ‘Стив’ до крајот на годината да биде готов, па во вториот семестар студентите веќе ќе можат да влезат во домовите“, рече Јаневска, пренесе МИА.
Министерката додаде дека деновиве треба да биде донесена одлука кои студентски домови ќе бидат следни за реконструкција во рамките на планот за етапно реновирање на студентските домови во државата со цел да се добијат енергетски ефикасни објекти, што ќе придонесат за почиста животна средина, но и за заштеда на финансиски средства.
Инаку, проектот за реконструкција на студентските домови се реализира со пари од заемот од 20 милиони евра од германската Развојна банка и грант од 4,8 милиони евра од Европската Унија преку Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан.
Реконструкциите на домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ се прва од предвидените три фази од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови. Во следните две фази ќе се реконструираат уште седум други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.