Јаневска откри дека Опсерваторијата конкурирала со проект за научно-истражувачки средства и дека има големи изгледи истиот да биде одобрен

Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува дека ќе биде одобрен проект со кој ќе се обезбедат средства за набавка на инструменти за Сеизмолошката опсерваторија. Најавите од Јаневска доаѓаат откако од институцијата алармираа дека се соочуваат со ризик од затворање на 13 сеизмолошки станици низ земјава, но и од немање кадар.
Проблемот произлегува од завршувањето на меѓународниот проект „AdriaArray“ на почетокот на 2026 година, кога германската влада ќе ги повлече инструментите од 13 сеизмолошки станици со кои се следи сеизмичката активност односно просторно-временската застапеност на земјотресите.
Овие 13 привремени станици, инсталирани од 2023 година како дел од проектот на организацијата ORFEUS (Observatories and Research Facilities for European Seismology), во моментов ја сочинуваат главната мрежа за следење на сеизмичката активност во земјава.
„Ова прашање е актуелно и многу значајно бидејќи ние сме трусно подрачје“,
изјави Јаневска во одговор на новинарско прашање на прес-конференција посветена на резултатите од државната матура.
Таа додаде дека неколку пати се сретнала со директорката на Опсерваторијата за да разговараат за проблемот и за тоа како може да помогне Министерството.
Јаневска откри дека Опсерваторијата конкурирала со проект за научно-истражувачки средства и дека има големи изгледи истиот да биде одобрен.
„Кога ги разгледував апликациите на научно-истражувачките проекти, видов дека Сеизмолошката опсерваторија конкурирала на овој конкурс и, според информациите кои ги добивам од комисијата, многу се големи изгледите тие и да го добијат овој проект, со што ќе се обезбедат дел од средствата за да се набават одреден број инструменти. Ако тоа биде така, не можам да прејудицирам, но се надевам дека ќе биде така, малку од малку нешто ќе покриеме, а потоа продолжуваме да го решаваме проблемот за кој сметам дека ургентен и многу значаен“,
рече Јаневска.
Телеметриската мрежа на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ ја сочинуваат тринаесет станици, а сеизмички мониторинг има и на езерото Козјак – на браните „Козјак“ и „Св. Петка“ и на локација во село Белица на долниот дел од езерото и браната „Кнежево“.
Откако ORFEUS ќе ја напушти Македонија, Опсерваторијата се соочува со ризик од затворање на сите 13 станици затоа што ќе останат со застарени и, практично, нефункционални инструменти.
На Опсерваторијата ѝ требаат нови лиценцирани софтвери, нова компјутерска опрема и сеизмометри, т.е. минимум десет сеизмолошки станици за следење на подземните активности во реално време.
Раководителката на Опсерваторијата, проф. д-р Катерина Дрогрешка, минатиот месец беше на средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која и укажа дека институцијата се наоѓа во драматична состојба поради недостиг на сеизмолошки инструменти и кадар. Дрогрешка и посочила на Сиљановска-Давкова дека Сеизмолошката опсерваторија се соочува со опасност од затворање на сеизмолошките станици добиени и користени во рамките на апликативен проект.