Таа вели дека во овој момент немаат информации дека поради загадувањето е загрозено здравјето на учениците и дека не е проблем ако од здравствени причини отсуствуваат ден-два од настава

Нема да има предвремено завршување на првото полугодие од оваа учебна година, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска. Учениците, како што вели Јаневска, ќе следат настава до крајот на месецов, а потоа ќе заминат на зимски распуст.
Изјавата на Јаневска следува како одговор на новинарско прашање за тоа дали МОН размислува поради загадувањето учениците предвреме да го завршат полугодието.
Јаневска вели дека остануваат уште малку денови до распустот.
Таа додава дека во овој момент немаат информации дека поради загадувањето е загрозено здравјето на учениците и дека не е проблем ако од здравствени причини отсуствуваат ден-два од настава.
„Доколку здравјето на учениците им е во прашање, секако лекарите и родителите ќе одлучат за тоа, но доколку не е ништо сериозно, сметам дека и да отсуствуваат ден-два не е проблем“,
рече Јаневска.
Според неа, треба да се напушти негативната појава од минатото кога од различни причини се скратувале учебните денови.
„Жал ми е што мора да направам груба споредба, но во некои европски земји децата и кога имаат грип, и во градинки и на училиште, одат на настава сè додека нивното здравје не е загрозено. Ова го велам заради коментарите дека нашите деца многу учат и се оптоварени. Не, не се“,
вели Јаневска.
Министерката вели дека треба да се напушти праксата од минатото да се скратуваат учебните денови, учениците да отсуствуваат затоа што родителите ги носат на поевтин одмор, за да се подготват за писмена.
„Овие негативни појави полека ќе треба да почнеме да ги отстрануваме. Но, секогаш ќе одлучуваме во корист на нивното здравје. Во овој момент немаме информации дека нивното здравје е загрозено“,
рече Јаневска.
